Во Кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште за случајот за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2″ на кое завршни зборови треба да дава одбраната.
Во „Титаник 2″ обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
На минатото рочиште обвинителката Фатиме Фетаи во завршни зборови, побара осудителни пресуди за сите обвинети во случајот.
Според СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето реално влијание и моќ и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.
Поништувањето на гласањето, според Фетаи, е егзактна пресметка на ВМРО-ДПМНЕ за тоа колку е потребно за нивниот кандидат да може да оди во втор круг, додека Тачи иако немал законско право го убедил Бедретин Ибраими да го промени своето мислење и да гласа за приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат како што појасни Фетаи членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ требало да гласаат за приговори на ДПА за Чаир.
Другите обвинети членови на ДИК, според СЈО, ја злоупотребиле службената положба и не биле во функција на Изборниот законик, туку на партиските интересни.