Најмалку една третина од граѓаните на Франција и Италија сметаат дека Британија веќе ја напуштила Европската унија, пренесува „Еуроњуз“ според резултатите од една анкета.
Анкетата покажала дека не секој обрнува многу внимание на Брегзит.
Околу 28% од Французите и Италијаните сметаат дека Британија веќе ја напуштила ЕУ, додека пак во Германија бројката изнесува 12%, а во Британија 2%.
Анкетата е спроведена врз најмалку 1.000 возрасни лица во секоја од овие четири земји, а истата открива и колку се оптимисти жителите на Европа за животот по Брегзит.
На прашањето кое би било потенцијалното влијание од Брегзит врз Британија, ЕУ, како и врз земјата на испитаникот, испитаниците биле несигурни во врска со тоа каков ефект би имал Брегзит.
Сепак, голем број сметаат дека Брегзит ќе нанесе повеќе штета отколку добро.
Околу 59% од жителитена Германија сметаат дека Брегзит ќе биде штетен за Британија, додека пак во Франција таа бројка изнесува 41%, во Италија 38%, а во Британија 34%.
Во врска со дебатата во Британија околу Брегзит, анкетата покажала дека околу 34% од Британците имаат негативно мислење за ЕУ, 36% имаат позитивно мислење за унијата, додека пак 30% се неутрални.
Мислењата на другите европски земји се исто така поделени.
Во Франција, само двајца од пет лица се изјасниле оти имаат позитивен став кон ЕУ, додека пак во Италија тоа се 54%, а во Германија 56%.