Во голем пожар што избувна во станбена зграда во стариот дел на Дака, главниот град на Бангладеш, загина најмалку 78 лица, изјавија пожарникарските служби утрово, додавајќи дека бројот на жртвите може да биде поголем.
Полицијата соопшти дека пожарот избувнал синоќа околу 23:40 по локално време.
Пожарникарите повеќе од пет часа се бореле за да го стават огнот под контрола, но утрово тој и натаму гори, пренесуваат локални медиуми.
Се уште не е сосема јасно што го предизвикало пожарот во Чавкбазар, во стариот дел на Дака. Пожарот избувнал во станбена зграда на чие приземје имало складирано хемикалии, а потоа брзо се проширил и на околните згради.
Според Би-би-си, меѓу жртвите се гости на свадба, случајни минувачи на патот, гости од блиските ресторани и локални жители.
Правилата за безбедност во градењето ретко се почитуваат во сиромашниот дел на Бангладеш, па поради тоа стотици луѓе секоја година гинат во несреќи.