Германскиот дизајнер и креативен директор на модната куќа Chanel, Карл Лагерфелд, почина вчера, оставајќи зад себе богатство вредно 200 милиони долари. Со оглед на тоа дека немаше семејство ниту блиски роднини на кои би им го оставил богатството, медиумите шпекулираат дека славниот дизајнер најверојатно ќе биде наследен од неговата мачка.
И самиот Лагерфелд, во повеќе наврати, има изјавено дека најмногу на светот ја сака својата мачка, Чупет. Во една прилика изјави дека дури и би се оженил со своето милениче, доколку беше возможно склопувањето брак со животни.
„Сè уште не е можен брак меѓу животни и луѓе. Не верував дека толку ќе се вљубам во својата мачка“, изјави дизајнерот во 2013 година за една телевизија.
Минатата година новинарите од магазин го прашале дали ќе ѝ го остави богатството на својата мачка, на што тој одговорил: „Помеѓу другото, да. Не се грижите, има доволно за сите“.
И сега сите се прашуваат кој ќе ја наследи мачката, иако тоа и не е некој проблем бидејќи таа има свој телохранител, личен чувар и две слугинки.
„Никогаш не е сама кога ме нема. Дури и кога спие, секогаш има некој во близина. Таа е како шик дама со лична слугинка“, изјави во една прилика дизајнерот.
Мачката има и свој профил на интернет, на кој ја следат повеќе од 180.000 луѓе. Лагерфелд ја чуваше мачката од 2011 година, кога францускиот модел Баптист Џиабикони му ја дал на двонеделно чување. После тоа, Лагерфелд одбил да ја врати на сопственикот.
Покрај мачката, како потенцијални наследници на неговиот имот во медиумите се вртат имињата на Бред Кронинг, омилениот модел на Карл, и неговиот син Хадсон, кумче на дизајнерот.