Неколку илјади приврзаници на независноста на Каталонија денеска ги блокираа главните сообраќајници – автопатишта, улици и железнички пруги ширум тој шпански регион.
Генералниот штрајк го организираа синдикати и студентски здруженија, кои бараат независност за Каталонија.
Тие бараат и подобра социјална политика, вклучувајќи 35-часовна работна недела и зголемување на минималната плата, но протестите дополнително се предизвикани од незадоволството кон централната власт поради судењето на лидерите на каталонските сепаратисти.
Сообраќајната полиција наведува дека поради штрајкот блокирани се главните сообраќајници во Барселона и повеќе патишта и железнички пруги во цела Каталонија. На еден автопат демонстрантите запалиле гуми.
Полицијата информира дека имало неколку помали кошкања со демонстрантите, но не дошло до поголеми инциденти.
Одвоени маршеви во Барселона одржуваат и студентски движења и сеционистичката група Каталонско национално собрание (АНЦ), под слоганот „самоопределувањето не е криминал”.