Министерството за финансии ќе продолжи да го зајакнува управувањето со јавните финансии, да ја подобрува фискалната дисциплина и транспарентноста во трошењето на јавните пари, истакна Министерот за финансии Драган Тевдовски на средбата со мисијата на Европската комисија за оцена на Програмата за економски реформи (ПЕР) за периодот 2019 – 2021 година. Делегацијата на ЕК ја сочинуваат претставници на директоратите за проширување, за економија и финансии и за вработување.
„Програмата за економски реформи која што беше усвоена од страна на Владата на 22 јануари годинава претставува основа за клучните реформски процеси кои дополнително ќе го интензивираат нашиот дијалог со ЕУ. Таа е еден од основните документи за утврдување на годишните стратешки приоритети и цели на Владата“, нагласи министерот Тевдовски. Тој исто така истакна дека процесот кој што се води од страна на ЕК е многу важен за економското управување на земјата. Како резултат на досега преземените активности се реализираа повеќето од препораките кои беа договорени на Заедничкиот министерски дијалог во мај минатата година, додаде тој.
Подготовката на ПЕР е координирана од страна на Министерството за финансии, а се доставува до ЕК по нејзино усвојување, најдоцна до 31 јануари.
На средбата стана збор реализација на заедничките заклучоци и препораки донесени на Заедничкиот министерски дијалог кој се одржа во Брисел на 25 мај 2018 година, а беа разгледани и приоритетите за наредниот период во функција на формулирање на можни нови препораки за макро и фискалните политики и за структурните реформи во државата.
Програмата за економски реформи 2019 – 2021 г., освен среднорочна макроекономска и фискална рамка, предвидува и сет од 18 клучни секторски структурни реформи за зголемување на конкурентноста и растот на економијата. Мерките се однесувааат на пазарот на енергија и транспорт, земјоделскиот сектор, индустријата, деловното опкружување и намалување на неформалната економија, подобрување на инфраструктурата и пристапот до финансии за истражување, развој и иновации, олеснување на трговијата, вработувањето и пазарот на труд, како и социјалната заштита и инклузијата.
Во однос на мерките кои ќе бидат преземени годинава, на пример, кај пазарот на енергија се насочени кон продолжување на активностите за зголемување на конкуренцијата, промоција на обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност. Во делот на транспортот ќе продолжат активностите за олеснување на прекуграничното преминување помеѓу Македонија и Србија, а ќе се имплементира и Интелигентен транспортен систем (ИТС) долж Коридорот 10. Кај земјоделскиот сектор, пак, мерките ќе овозможат подобрување на системите за наводнување, консолидација и дефрагментација на земјоделско земјиште. Ќе продолжат и активностите за хармонизирање на правната рамка на јавните набавки со законодавството на Европската унија (Acquis), потоа за развој на национален портал за е-услуги, како и за намалување на неформалната економија и тн.
Годинашнава програма е петти ваков документ, изработен во согласност со Програмата за работа на Владата 2017-2020 година, ревидираната фискална стратегија за периодот 2019-2021 и Буџетот за 2019 година, како и другите национални стратешки документи. Исто така, програмата е во согласност со стратегијата на ЕУ за брз, одржлив и сеопфатен економски развој „Европа 2020“.
Мисијата на ЕК престојува во нашата земја во рамки на подготовката на новиот Заеднички министерски дијалог кој ќе се одржи во мај 2019 година, помеѓу министрите за финансии од државите членки на ЕУ со министрите за финансии и гувернерите на централните банки од државите од Западен Балкан и Турција. Целта на ваквиот дијалог е да се дојде до предлози за препораки кои ќе помагаат за реализација на приоритетите зацртани во ПЕР. Дел од дискусиите се однесуваат и на поврзување на домашните фирми со странските инвеститори, намалување на неформалната економија и вработувањето.