Унгарија прими стотина бегалци од унгарско потекло кои бегаат од кризата во Венецуела, во согласност со владината програма која ја вклучува локалната хуманитарна организација, пренесе порталот „Индех.ху.
Како што наведува медиумот, Унгарија почна програма пред речиси една година со помош на малтешката хуманитарна организација, која организираше трансфер на баратели на азил од Венецуела во Унгарија.
Портпаролот на организацијата во Унгарија одби да го коментира случајот поради безбедност на тие мигранти.
Од Владата велат дека не постои контрадикција меѓу долгогодишниот политички активизам на премиерот Виктор Орбан против масовната миграција во Европа и венецуелската програма поради примените бегалци од унгарско потекло.
„Зборуваме за Унгарци, а Унгарците не ги сметаме за мигранти“ рекол шефот на кабинетот на Орбан.
Индех.ху пишува дека Унгарија обезбедила авионски карти, сместување, курс по унгарски јазик и култура, како и документи за вработување. Унгарија досега примила околу 300 луѓе. Тие прво се сместени во хотели надвор од градот, а некои од нив веќе успеале да најдат работа.
Околу 5000 Унгарци мигрирале во Венецуела, поголем дел по Втората светска војна.