Александар Василевски Нинџа, најконтроверзниот од обвинетите за „крвавиот четврток“ во завршните зборови рече дека жали за тоа што се случи на 27 април во Собранието, како и за последиците и за секој повреден. Тој истакна дека за време на предистражната постапка соработувал со обвинителството, но не се договорил, се со цел вистината да излезе на виделина. Без никаков притисок и уцена од обвинителството.
-Прифаќам одговорност за дејствата доколку судот утврди дека сум сторил нешто нелегално. Ова нека биде поука за идните генерации дека политиката не треба да си игра со чувствата на народот, рече Нинџа.
Тој денеска ја повтори одбраната што ја даваше на судењето на 6 декември и кажа дека командно оперативниот штаб од каде се координирал нападот бил на 8. спрат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде вечерта отишол откако му се јавил Сашо Мијалков.
-Таму ги начекав Спире Ристовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришковска и Митко Чавков. Земав шише вода и им реков дека го чекам Сашо Мијалков. Никој ништо не ми кажа. Отидов во паркот Жена борец каде беа Горан Грујевски и Никола Бошковски, на кого му се јави тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски и му кажа дека ќе биде прогласена воена состојба, реча Нинџа, кој вечерта отишол со Бошковски во прикриената база на УБК каде Сашо Марковски донел два хард диска, кои ги уништил на преса.
-Татко сум на малолетно дете-13 месеци. Сам се пријавив да учествувам во случајот и единствената причина што бев недостапен за органите на прогонот беше здравјето на моето дете. Откако се испадна во ред самиот се пријавив на 11 јуни 2018 година пред судија на претходна постапка, рече Нинџа.
Тој пред судот го изнесе листингот со разговори кои тој ги остварил на 27 април 2017. Преку листингот Василевски тврди дека не организирал 68 лица за упадот во Собранието за што го терети обвицнителството.
Со завршните зборови на Нинџа заврши постапката и останува да се закаже рочиште на кои ќе им биде изречена пресудата на обвинетите.
За крвавиот четврток беа обвинети вкупно 33 лица од кои 15 беа амнестирани меѓу кои се најдоа пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои беа обвинети за отварање на собраниските врати,како и пратениците Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски.
Со законот за амнестија опфатени беа и предводниците на протестите “За заедничка Македонија”, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски.