Двата најголеми политички ривали на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска најавија дека на предвремените парламентарни избори, закажани на 9 април, ќе настапат со заедничка листа.
Израелската партија на отпорот на поранешниот командант на израелската армија Бени Ганц и партијата Има иднина на Јаир Лапид се договорија за заеднички настап, а им се придружи и поранешниот началник на Генералштабот, Габи Ашкенази.
Со заедничкиот настап се создава прва кредибилна алтернатива на владеењето на Нетанјаху, кој веќе една деценија е на власт.
Договорот предвидува ако партиите на Ганц и на Лапид формираат влада, првите две години премиер да биде лидерот на Израелската партија на отпорот, а потоа да биде заменет од лидерот на партијата Има иднина. Трет на нивната листа е поранешниот министер за одбрана Моше Јалон, кој кога беа најавени изборите формира своја партија, а подоцна му се придружи на Ганц.
Ганц и Лапид изјавија дека заедничкиот настап на изборите е „мотивиран од националната одговорност”, како и дека тие ја „претставуваат новата израелска владејачка партија”.
Според анкетите Генц е главен политички опонент на Нетанјаху, а Ганц и Лапид со заеднички сили би ја победиле јконзервативната партија Ликуд на израелскиот премиер.
Според резултатите од најновата анкета од 18 февруари, партијата на Ганц би добила 18 пратеници, на Лапид – 12, а Ликуд 30 мандати од вкупно 120 во Кнесетот. Но, со заедничката листа, Генц и Лапид би освоиле 32 мандати, додека Лапид би имал 31 пратеничко место.
Сепак, 36 проценти од испитаниците изјавиле дека повеќе сакаат Нетанјаху да биде премиер, а 31 отсто се изјасниле за Ганц.
По веста за заеднички настап на Израелската партија на отпорот и Има иднина, Ликуд објави соопштение во кое се наведува дека „изборот е јасен, или левичарска влада предводена од Лапид и Ганц, поддржана од блокот арапски партии или десничарскла влада предводена од Нетанјаху”.
Во случај двете здружени партии да освојат повеќе пратенички места од Ликуд, можно е да не формираат влада, ако не успеат да формираат мнозинство со другите партии.
Против Нетанјаху покренати се повеќе обвиненија за корупција, па последните денови се обидува да ја зајакне својата националистичка база. Тој вчера постигна прелиминарен коалициски договор со две верски националистички партии.
Според израелските медиуми, Нетанјаху, по најавата за заеднички настап на Израелската партија на отпорот и Има иднина, вчера ја откажа планираната посета на Русија. Тој денеска требаше да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Тоа ќе беше прва средба меѓу Нетанјаху и Путин откако во септември минатата година над Сирија беше соборен руски авион. Авионот беше соборен по грешка од страна на сириската противвоздушна одбрана за време на израелски напад и загинаа 15 руски војници. Русија за инцидентот го обвини Израел, а кабинетот на Нетанјаху оттогаш безуспешно се обидува да организира средба со Путин.