Косовските власти се сомневаат дека српско брашно се увезува кај нив со македонски камиони. Токму ова е причината што сите македонски камиони од почетокот на оваа година се контролираат детално на косовските граници. Според агенцијата ИНА, освен контрола на сите документи на граничните премени се контролирал и квалитетот на брашното, а не ретки биле и коментаритедека брашното не е македонско туку српско.
Од почетокот на годината, сите камиони што извезуваат брашно на Косово и Метохија од Македонија подлежат на построги контроли на косовските граници поради сомневањата дека брашното потекнува од Србија. Наши извори велат дека увозот се забавува и по десет дена бидејќи се чека да се провери дополнително квалитетот на брашното. Постапката трае и повеќе од две недели. Македонските мелничари предупредуваат дека постапката предизвикува големи трошоци, бидејќи нивните камиони чекаат на царинскиот терминал. Тие сакаат да го решат овој проблем што е можно поскоро.
– Постапката на царинскиот терминал и царинскиот надзор чини околу 1.000 евра за секој камион. Чекањето и зголемувањето на цената значи дека стануваме неконкурентни на пазарот и полека ќе се откажеме од извоз на Косово бидејќи имаме големи дополнителни трошоци – велат за 24 инфо македонските мелничари. Според Министерството за економија, во 2018 година во Косово сме извезле 2.147 тони брашно во вредност од 672.071 евра, но речиси сите од нив се извезуваат во текот на последните два месеца од 2018 година.
Во Министерството за економија велат дека постои проблем со извозот на брашно, но дека тие тековно с ерешаваат и дека во овој момент нема камиони што чекаат за влез во Косово. Исто така велат дека нема случаи на брашно кое е вратено назад.
– Во однос на македонското брашно и проблемите кои се појавија од косовската страна веќе се направени средби со македонски производители на брашно. Иимавме состаноци и со косовската страна и мислам дека за кратко време ќе се надмине проблемот- велат во Министерството за економија.
Валентина Ангеловска