Европската агенција за гранична безбедност – Фронтекс, го презентираше последниот извештај за ризиците во 2019 година, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според Фронтекс, иако е намален трендот на пристигнувања на мигранти во ЕУ последниве години, земјите членки треба да останат внимателни, посебно во однос на источно-медитеранската рута, а надворешните граници сѐ уште се под значаен притисок.
Најзначајно намалување во 2018 е забележано на централно-медитеранската рута преку Италија, која е речиси целосно затворена откако министер за внатрешни работи стана националистот Матео Салвини. Италија бележи 80 отсто намалување на пристигнувањата преку таа рута, односно на исто ниво како и во 2012 година, пред бегалските кризи. На таа рута, Тунис е главната појдовна точка за бегалците и мигрантите, доскоро на прво место беше Либија.
Меѓутоа, затворањето на рутата преку Италија ги тера мигрантите да наоѓаат нови рути, па така медитеранскиот пат преку Мароко и Шпанија бележи двојно поголем број мигранти кои се обидуваат оттаму да пристигнат во ЕУ. Повеќето мигранти се од супсахарска Африка.
Што се однесува до балканската рута, притисокот се зголемил во 2018, се констатира во извештајот.
Во однос на 2017, има 34 отсто повеќе пристигнувања во Грција преку границата со Турција. Вкупно 56.561 лице влегле на нелегален начин во Грција во 2018, пред сѐ Авганистанци, Сиријци и Ирачани.