Васеленскиот патријарх Вартоломеј изјави дека Цариградската патријаршија нема намера да го менува Уставот на Српската православна црква (СПЦ) или нејзините граници, иако некои случаите со „Скопје и Црна Гора” ги поистоветуваат со Украина, каде што е дадена автокефалност на одредени тамошни црковни структури и покрај противењето на Руската православна црква (РПЦ)
– За жал има огромни дезинформации за ова прашање. Некои го поистоветуваат случајот на Украина со Скопје и Црна Гора, и тоа е многу вешто, бидејќи сакаат СПЦ да ја свртат против Васеленската патријаршиј, изјави патријархот Вартоломеј во интервју за весникот „Политика” на прашањето дали има намера да донесе одлука дека „црквата во Македонија нема да биде под јурисдикција” на СПЦ.
Тој изјави дека многу владици од СПЦ се плашат дека она што се случи со Украина „ќе се повтори во Црна Гора и Охрид”.
– Ве уверувам дека работите не стојат така. Разликата во поглед на Украина, канонски и еклисиолошки, е во тоа што Русија упадна и ја окупира Киевската митрополија и дека никогаш не и беше дадена, додека Србија се што има и припаѓа канонски и еклисолошки. Тоа значи дека Васеленската патријаршија нема намера да го измени Уставот на Српската православна црква или нејзините граници, освен доколку тоа не е придружено со договор и соработка, изјави патријархот Вартоломеј.
Руската православна црква (РПЦ) го обвини патријархот Вартоломеј за „упад” во нејзината канонска територија во Украина и дека на „расколничките” црковни организации им дала автокефалност, спротивно на канонските правила. РПЦ соопшти дека за неа, што е позиција и на СПЦ, единствената канонска црква во Украина е Украинската православна црква, која дејствува автономно во рамките на Московската Патријаршија.
Патријархот Вартоломеј, одговарајќи на обвинувањата дека се поставил над другите помесни цркви, вели дека „во свеста на Православната црква не постои „источен папа”, а секако не во неговите мисли и служба”.
Тој порача дека на есен ќе дојде во Белград, на покана на поглаварот на СПЦ. патријархот Иринеј, на прославата на осум века од хиротонијата на Свети Сава.