Обединетата опозиција на Албанија се собра денеска на уште еден антивладин протест барајќи заминување на премиерот Еди Рама и распишување на вонредни парламентарни избори, објавија албанските медиуми.
Протестот започна во 10:00 часот, со палење на свеќи и положување на цвеќиња надвор од зградата на Парламентот, а пораката од овој перформанс е дека Парламентот е мртов.
Опозицијата ја обвини актуелната влада на Еди Рама за крадење изборни гласови, но исто така и за корупција и врски со организираниот криминал.
Опозицијата, исто така, повикува на распишување на вонредни парламентарни избори.
Седницата на парламентот што требаше да се одржи денес е откажана.
Зградата на парламентот е опкружена со бодликава жица, а околу зградата се распоредени безбедносни сили.
Како што се наведува, околу зградата на Парламентот и на улиците на Тирана, повеќе од 1.500 припадници на полицајата, специјалните сили и гардата.
На антивладините протести одржани минатиот четврток дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата, па во пресрет на денешниот протест апел за воздржаност упатија албанскиот претседател Илир Мета и Амбасадата на САД во Тирана.