Александар Василевски-Нинџа во завршните зборови на судењето за настаните во Собранието на 27 април 2017 неколку часа во Кривичниот суд го анализираше обвинението против него, како и листата на телефонски повици од тој ден, читајќи ги со број или со име како што му биле меморирани.
– Стојам исправен пред вас и прифаќам одговорност ако утврдите дека ја имам. Овде сум за да се утврди вистината. Бегав поради здравјето на мојата ќерка, која ја чекав повеќе од девет години. Потоа сам се пријавив во полиција, рече Василевски во завршниот збор пред Судот.
Тој зборуваше за тоа како поранешниот началаник во УБК Горан Грујевски, неговиот заменик Никола Бошковски, и тогашниот директор Владимир Атанасовски со свои оперативци, во и надвор од Собранието на 27 април ги собирале и уништувале доказите.
На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.
По завршните зборови на обвинетите за настаните од „27 април”, за утре е закажано ново рочиште на кое за збор се пријавени бранителите на обвинетите.