Министерството за надворешни работи на својата веб страница објави прирачник за медиумите за употреба на новото име, Република Северна Македонија, согласно Договорот од Преспа.
Официјалното име, како што се наведува во прирачникот, е Република Северна Македонија, скратено Северна Македонија.
Националноста (државјанството) е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, официјалниот јазик е македонски јазик, кодовите се МК и МКД, а придавката македонски се употребува во однос на етничкиот и културниот идентитет, јазикот, историјата, културата, наследството, територијата и останатите атрибути.
Овие термини во тој контекст се сосема различни во однос на оние кои се користат за означување на регионот Македонија во Грција.
Во прирачникот се наведуваат примери за точна и неточна примена на придавката.
Правилно: македонски етнички идентитет, македонски јазик, македонска култура, македонска територија, македонски граѓани, македонска историја, македонски планини, македонска литература, македонско кирилско писмо, македонска храна, македонски цркви…
Неточно: придавки како „северно македонски”, „с. македонски” и „северномакедонски”.
Во прирачникот се дава појаснување и за употребата на придавката во однос на државата, нејзините органи, јавни и приватни институции и се што е поврзано со државата, основано согласно закон и финансирано од државата за активности во странство. Придавката тука треба да гласи „од Република Северна Македонија” или од „Северна Македонија”.
Правилно: Влада на Република Северна Македонија, претседател на Северна Македонија, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” на Северна Македонија.
Неточно: „северно македонски”, „македонски”, „с. македонски” и „северномакедонски”.
Во однос на активностите, придавката може исто така да гласи „македонски”.
Правилно: македонска економија, здравствениот сектор на Република Северна Македонија, македонска уметност, македонска музика, македонско земјоделство, македонска артихтектура, прехранбена индустрија на Северна Македонија.
Неточно: „северно македонски”, „с. Македонски” и „северномакедонски”.