На денешното рочиште во Кривичниот суд Скопје за случајот на СЈО, „Тендери”, беше ислушан само еден сведок. Предметот е во доказна постапка и беше предвидено денеска да бидат ислушани неколкумина сведоци, но тие не се појавија во Судот.
Сведокот, вработен во Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор – Скопје, во 2011 година бил на позицијата надзорен инженер.
Надгледувал станбени објекти, а по потреба бил и во тек со изградбата на новиот театар и Музејот на ВМРО.
При сведочењето наведе дека не може да се сети речиси на ништо од тоа време, посочувајќи дека сите надзори се вршеле по налог, како и дека забелешките биле предавани кај надлежниот инженер.
Во случајот „Тендери” првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска.
Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон” од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон” од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Судењето за случајот „Тендери” продолжува на 14 март.