Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска донесе одлука со која мерката притвор за поранешниот министер за траспорт и врски Миле Јанакиески се преиначува во мерка куќен притвор, додека поранешниот министер за труд и социјална политика Спиро Ристовски останува во притвор во затворот „Шутка.”
Постапувајќи по жалби на одбраната на М.Ј. и С.Р. изјавени против решенија на судија на претходна постапка за прифаќање на предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со кои решенија им се определи мерка притвор во траење од 30 дена, Кривичниот совет денеска одржа јавна седница во присуство на странките.
-По произнесување на странките, како и ценење на фактите и доказите приложени во жалбите и решенијата на судија на претходна постапка, Советот донесе решенија со кои жалбата на обвинетиот М.Ј. се уважува, а решението на судија на претходна постапка се преиначува со тоа што спрема обвинетиот се определува мерка куќен притвор во траење од 30 дена. Поради постоење на причините од член 165 ст.1 т.1 и 2 од ЗКП се забранува на обвинетиот комуникација со лицата опфатени во кривично правниот настан без дозвола од судот. Жалбата на обвинетиот С.Р. се одбива како неоснована и се потврдува решението на судија на претходна постапка, соопшти Основниот суд – Скопје 1.
Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, како и поранешните министри Јанакиески и Ристовски во средата беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април. Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на Јанакиески и Ристовски им беше одреден 30-дневен притвор.