Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, денеска во Каракас најави дека ги прекинува дипломатските односи со Колумбија и најави протерување на некои колумбиски дипломати, откако оваа земја ги поддржа напорите на венецуелската опозиција за испорака на хуманитарна помош.
„Трпението е исцрпено. Јас веќе не може да толерирам колумбиската територија да користи за напади против Венецуела. Од таа причина, решив да ги прекинам сите политички и дипломатски односи со фашистичката власт на Колумбија“, изјави Мадуро.
Тој рече дека амбасадорот и дипломатскиот персонал на Колумбија имаат 24 часа да ја напуштат Венецуела, објави агенцијата „Ројтерс“.
Лидерот на опозицијата, Хуан Гваидо претходно денеска јавно се појави покрај колумбискиот претседател кој важи за отворен критичар на Мадуро.
Ситуацијата е особено драматична на границата меѓу Венецуела и Колумбија. Како што се објави Би-би-си, повикувајќи се на локалните медиуми, едно лице загина, а неколкумина се повредени во судирите на демонстрантите со војската. Според информациите, загинало едно 26-годишно момче.
Нешто по 21 часот по наше време, „Ројтерс“ објави дека уште едно лице е убиено на границата. Исто така, пристигнаа и информации дека бил запален еден од камионите со хуманитарна помош.
Судирите меѓу локалните жители и безбедносните сили на границата меѓу Колумбија и Венецуела, избија додека противниците на претседателот Мадуро се подготвуваа за транспорт на стотици тони хуманитарна помош во земјата.
Помошта беше донирана на барање на опозицискиот лидер на Венецуела, Хуан Гваидо, кого повеќе земји го признаа како привремен претседател, при што Мадуро е под притисок да поднесе оставка.
Додека конфликтот се разгорува, Мадуро денеска танцуваше со неговата сопруга на провладин митинг во Каракас. Многу луѓе го критикуваа ваквиот негов потег на социјалните мрежи.
Maduro dances on national TV as national guards fire tear gas and plastic pellets at crowds trying to move humanitarian aid into the country along the Colombian border pic.twitter.com/4u4zEHDixi
— Patricia Laya (@PattyLaya) February 23, 2019
Мадуро смета дека хуманитарната операција е изговор за американска воена интервенција во Венецуела и негово соборување од власт.
Гваидо претходно ја повика армијата да им дозволи на камионите да влезат во земјата, апелирајќи до војниците да застанат на страна на народот, јави Би-би-си.