Растот на просечната плата од 8,1 отсто е најголем раст во последните девет години, економијата се движи во добар правец, вели владејачкиот СДСМ преку соопштение.
Партијата подвлекува дека успешните економски политики на Владата продолжувааат да даваат реални, видливи резултати што ја движат економијата и обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните.
„Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата во декември 2018 година изнесувала 25.784 што се речиси 2.000 денари повеќе отколку во 2017 година кога таа изнесувала 23 850 денари. Ако во 2017 година растот на платите се базираше на подигнувањето на минималната плата, во 2018 година воочлив е ефектот на зголемување на продуктивноста на фирмите, како и отворањето на новите и добро платени работни места“, се вели во соопштението.
Понатаму се додава дека трендот на зголемувањето на платите продолжува и оваа година во сите сектори. СДСМ тврди дека се одвојуваат повеќе средства за активните мерки за вработување, за поддршка на домашните и странски инвестиции.