Делегација од Шведска, предводена од професорот на Кралскиот институт за технологија во Стокхолм Нелсон Сомерфелд, ја посети Општина Битола и оствари средба со градоначалничката, Наташа Петровска, соопшти Општината.
Професорот Сомерфелд го предводи проектот кој во иднина треба да и донесе нови современи технолошки услови на Клиничката болница во Битола. Станува збор за хибриден систем за греење, ладење и вентилација, кој ќе претставува комбинирана технолошка иновација. Проектот е веќе дел од програмата за работа на Кралскиот институт во Стокхолм, при што е завршен првиот дел, кој содржи три можни решенија. Од нив ќе се избере најдоброто решение за Клиничка болница, по што ќе следува подготовка на техничката документација и проект за изнаоѓање средства од инвеститори и странски фондови.
Како дел од делегацијата, на средбата присуствуваше и Марија Русенгрен, битолчанка која живее во Шведска. Таа досега во повеќе наврати донирала и помогнала во многу институции во градот Битола, а беше иницијатор и за реализација на овој проект.
Петровска се заблагодари на помошта од страна на гостите од Шведска, при тоа поздравувајќи ја иницијативата за воведување на иновативните технологии. Петровска посочи и дека во иднина може да се продлабочи соработката на Кралскиот институт со Техничкиот факултет од Битола, кој може од стручен аспект да биде вклучен во реализацијата на овој, но и на други проекти во градот. Општина Битола го помага овој проект преку вклучувањето на инженерот Горан Неделков, вработен во општината, задолжен за реализација на проектот.
Претставниците од Клиничка болница Битола, предводени од директорот, Зоран Лазаров, ја истакнаа важноста од реализирањето на овој проект, со што во болницата ќе биде целосно комплетиран системот за греење, ладење и вентилација.