Кривопаланечките прволигашки од кошаркарскиот клуб „Крива Паланка” со убедлив триумф се вратија од гостувањето кај ЖКК „Патриот” од Делчево, каде славеа со 89 наспрема 45.
-Продолжува добрата игра на нашите млади кошаркарки во оваа за нас дебитантска сезона во првата женска кошаркарска лига при Македонската кошаркарска федерација. Во полусезоната тимот е на шестата позиција на табелата во поредокот,во конкуренција на единаесет екипи. Клубот оваа година ги приоретизира женските тимови кои ја оправдуваат довербата и со резултатите во лигите во кои настапуваат, но и со придонесот кој го даваат на младинските репрезентации во кои се селектирани, изјави тренерот и претседател на КК Крива Паланка, Ведран Белешковски.
Женската кошарка во Крива Паланка е во подем,а истата наиде на поддршка од повеќе локални,но и интернационални компании.
Денес натпревар на гостински терен одигра и тимот на клубот „Крива Паланка”, кој настапува во втората лига мажи кај екипата на КК “Спарта”, Скопје. Второлигашите и покрај прикажаната одлична игра и добра одбрана претрпеа пораз од 91 наспрема 82.
Следниот викенд прволигашката екипа повторно игра на гостински терен, овојпат во Кавадарци, кај ЖКК „Трокал”, втора лига го пречекува составот на КК „Куманово”, а младинките во М-16 играат дома против ЖКК “Пробаскет”, Кавадарци.