Еден процент е разликата меѓу поддржувачите и оние што се противат на Договорот од Преспа, покажува истражувањето на јавно мислење спроведено за емисијата „Детектор” на ТВ Сител, во која оваа недела гостуваа Дане Талески, советник за надворешна политика на премиерот Зоран Заев и Илија Димовски, пратеник на ВМРО – ДПМНЕ.
Резултатите покажуваат дека 44,6 отсто се изјаснуваат позитивно за Договорот, а 45,6 отсто од испитаниците се против.
Според истражувањето 59,5 проценти од испитаниците сметаат дека договорот ќе ги унапреди односите со Грција, а речиси исто толку (57,7 отсто) сметаат дека двете страни ќе го почитуваат договореното во него.
Половина од граѓаните (50,5 отсто) се изјаснуваат дека Македонија добро ги водеше преговорите за Договорот од Преспа, а 40,7 отсто го тврдат спротивното.
– Договорот е нужен компромис кој требаше да биде направен со Грција за да направиме квалитетен исчекор напред. Тој не е идеален и беше тешко да се дојде до него. Но, е доволно добар за да може да ги обезбеди основните работи кои за нас беа потребни, да го затвори спорoт и да ги отвори перспективите на државата, вели Дане Талески, советник за надворешна политика на премиерот Зоран Заев.
Според него ваквата поделеност на мислењата на граѓаните е очекувана бидејќи во овој долгогодишен спор со Грција се „вложувани многу емотивни аргументи, вградени се многу стереотипи, вграден е анимозитет од двете страни на границата, од страна на различни влади, и неговото решавање не беше лесно “.
Позитивната цел на договорот не е спорна ниту за пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски „влез во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ се стратешки цели на сите политички партии во земјава”, но она што е проблематично за него е начинот како се дојде до договорот и неговата содржина, која се рефлектира и во истражувањето.
За да се надмине спорот со Грција се направија повеќе компромиси и дел од нив се неприфатливи за испитаниците во анкетата. Најголемо неприфаќање предизвикува законот за амнестија за случувањата на 27 април и на овој потег се противат 60,3 отсто од граѓаните, барањата на албанските партии се неприфатливи за 51,2 отсто од граѓаните, а дури трет во низата е компромисот со промената на името во Република Северна Македонија, кој е неприфатлив за 48,7 отсто од анкетираните.
-Законот за амнестија имаше една поширока функција, не само да се обезбеди неопходното мнозинство за да се постигнат уставните промени, туку и да помогне во процесот на помирување, кој што е нужен предуслов општеството да ги зацели раните, да зајакне социјалната кохезија за да можеме заеднички да одиме напред. За законот гласаа 95 пратеници, а за уставните измени 81 пратеник со што законот за амнестија ја постигна целта на помирување и постигнување на еден широк надпартиски консензус, потенцира Талески.
Со Договорот од Преспа на 49,2 отсто од граѓаните ќе им биде покомотно патувањето во Грција, а за 36,3 проценти нема да има разлика независно од тоа што двете земји постигнаа договор за спорот со името.
И двајцата соговорници во емисијата се согласни дека решавањето на спорот со името е само еден од предусловите за почеток на преговорите со ЕУ и дека мошне значајно е во јуни да се потврди одлуката за одредување на датум за почеток на преговорите со ЕУ.
-Во моментов се вложуваат големи напори од извршната власт во исполнувањето на бенчмарковите. Но, многу зависи и од резултатите и перформансите на судската власт, затоа е потребно да нема никакво политичко мешање, за да се покаже дека законот важи за сите, а зависи и од политичкиот дијалог и поддршката што треба да дојде од опозицијата, потврдува Талески.
Според Димовски граѓаните се свесни за придобивките од членството во ЕУ и НАТО ама „ќе беше пофер да им се каже дека направивме отстапки кои до сега не сме мислеле дека ќе ги направиме, но немавме избор.” Тој укажува дека „со овој договор ќе ги надминеме меѓудржавните проблеми, но меѓунационалните проблеми меѓу македонскиот и грчкиот народ ќе останат. За жал овој договор не нуди решене”.
На овој заклучок се надоврзува Талески со потврда дека „Договорот од Преспа” е „голем и тежок компромис, но е фер компромис. Договорот не ги решава сите проблеми, но создава инструменти тие да бидат надминати.”
Истражувањето на тема Договорот од Преспа” беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 31 јануари до 4 февруари на 1.102 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да ја запази репрезентативноста на населението.