ББЦ за егејското прашање: Невидливото малцинство во Грција- Славомакедонците

„Невидливото малцинство во Грција- Славомакедонците“ е насловот на опширниот текст на ББЦ во кој се поставува прашањето дали со потпишување на Договорот од Преспа нешто ќе се промени во односот кон македонското малцинство.

-Со ратификуваниот договор со Република Северна Македонија, Грција имплицитно го признава постоењето на македонскиот јазик и етничката припадност. А сепак, со децении го негираше постоењето на сопственото македонско малцинство. Ќе се промени ли нешто сега, пишува вели Марија Маргаронис за  BBC.

Текстот почнува со пензиониран адвокат, Фокас кој зборува беспрекорен официјален грчки јазик, но неговиот мајчин јазик е македонскиот, словенски јазик поврзан со бугарскиот јазик кој се говорел на овој дел од Балканот со векови. Во модерната куќа на неговиот син во едно село во северна Грција, тој раскажува за болната историја на грчкото непризнаено малцинство што го зборува словенскиот јазик.

„Господинот Фокас, 92, стои исправено како копје во своите кафени кожени чевли и кремасто палто, едвај потпирајќи се на бастунот од абонос и слонова коска што неговиот дедо го донел од Романија пред еден век. Неговиот ум и неговата меморија се упадливи како и неговата облека.

Пензиониран адвокат, господинот Фокас зборува беспрекорен формален грчки јазик со карактеристичен призвук: неговиот мајчин јазик е македонскиот, словенски јазик сличен на бугарскиот јазик, кој со векови се зборува во овој дел од Балканот. Во современата куќа на неговиот син во едно село во северна Грција, тој ме води низ болната историја на грчкото непризнаено малцинство што го зборува овој словенски јазик.

Господинот Фокас од самиот почеток нагласува дека е и етнички Македонец и грчки патриот. Тој има добра причина да ја нагласува својата лојалност: речиси еден век, етничките Македонци во Грција беа предмет на сомнежи и, понекогаш, на прогон, дури и кога речиси сите го негираа нивното присуство.

Повеќето не сакаат да разговараат со надворешни лица за својот идентитет. Меѓусебе и за другите, тие се познати едноставно како „локални жители“ (допии), кои зборуваат јазик наречен „локален“ (допја). Тие се целосно отсутни од училишните учебници по историја, не се прикажани во пописите од 1951 година (кога беа некомплетно попишани и едноставно наречени „говорители на словенски јазик“) и едвај се споменуваат во јавноста. Повеќето Грци дури и не знаат дека тие постојат.

Тоа збришување беше една од причините за долготрајниот спор на Грција со поранешната југословенска република што сега официјално се нарекува Република Северна Македонија. Спорот конечно беше решен минатиот месец со гласање во грчкиот парламент за ратификација (со мнозинство од само седум) на договорот од минатиот јуни од страна на двата премиери на двете земји.

Кога грчкиот премиер, Алексис Ципрас, за време на парламентарната расправа го спомна постоењето на „Славомакедонци“ во Грција – за време на Втората светска војна, тој прекрши долгогодишно табу.

Употребата на името „Македонија“ од страна на соседната национална држава директно и јасно признава дека Македонците се самостоен народ и ја отвора вратата за тешки прашања во врска со историјата на грчкото македонско малцинство.

Кога се родил господинот Фокас, северниот грчки регион Македонија тукушто бил припоен од грчката држава. Сè до 1913 година тој беше дел од Отоманската Империја, па и Грција, и Бугарија и Србија им се додворуваа на нејзините жители-словенски говорители за да ја приграбат нивната територија. Делумно како реакција на тие ривалски сили беше тоа што посебниот словенски македонски идентитет се појави кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Како што имал обичај да каже вујкото на Фокас, семејството не било „ниту српско, ниту грчко, ниту бугарско, туку македонско православно“.

На крај, словенските Македонци се најдоа поделени меѓу овие три нови држави.

Во Грција, некои беа протерани; оние што останаа беа присилени да се асимилираат. Сите села и градови со негрчки имиња добија нови, избрани од комисија од достоинственици кон крајот на 1920-тите, но речиси еден век подоцна некои „локалци“ сè уште ги користат старите.

Во 1936 година, кога г. Фокас имал девет години, грчкиот диктатор Јоанис Метаксас (обожавател на Мусолини) го забранил македонскиот јазик и ги принудил македонските говорители да си ги променат имињата во грчки.

Господинот Фокас се сеќава дека полицајци ги прислушувале ужалените на погребите и слушале под прозорци за да фатат некого како зборува или пее на забранетиот јазик. Имало судски процеси, закани и тепања.

Жените – кои често не знаеле грчки – си ги покривале устите со шамиите за да го придушат својот говор, но мајката на Фокас била уапсена и парично казнета со 250 драхми, што тогаш било голема сума.

„Словенските говорители многу страдаа од Грците под Метаксас“, вели тој. „Дваесет лица од ова село, главите на големите семејства, беа протерани на островот Хиос. Таткото на жена ми беше еден од нив“. Тие биле мачени така што ги терале да пијат смолено масло, моќен лаксатив.

Кога Германија, Италија и Бугарија ја нападнаа Грција во 1941 година, некои словенски говорители ги пречекале Бугарите како потенцијални ослободители од репресивниот режим на Метаксас. Но многумина наскоро му се приклучиле на отпорот предводен од Комунистичката партија (која во тоа време го поддржувала македонското малцинство) и заедно со комунистите продолжиле да се борат во граѓанската војна што следуваше по окупацијата од Оската. (Бугарија го анектираше источниот дел на грчката Македонија од 1941 до 1944 година, извршувајќи многу злосторства; многу Грци погрешно им го припишуваат ова на Македонците, кои ги идентификуваат како Бугари.)

Кога комунистите конечно биле поразени, следувале тешки репресалии за секој што бил поврзан со отпорот или со левицата.

„Македонците платија повеќе од другите за граѓанската војна“, вели Фокас. „Осум лица беа уапсени и егзекутирани од ова село, осум од наредното село, 23 од тоа карши. Тие убија дедо и неговиот внук, на само 18 години“.

Господинот Фокас тогаш бил студент во Солун – но и тој бил уапсен и поминал три години на затворскиот остров Макронисос, не поради нешто што тој го направил, туку затоа што неговата мајка му помогнала на својот зет да избега низ светларникот на кафетеријата каде што бил држен.

Повеќето од затворениците во Макронисос биле грчки левичари и биле притиснати да потпишат декларации за покајание за своето наводно комунистичко минато. Оние што ќе одбиеле биле терани да ползат под боцкава жица, или биле претепувани со дебели бамбусови трски. „Ужасни работи беа направени“, вели господинот Фокас. „Но не смееме да зборуваме за нив. Тоа е навреда за грчката цивилизација. Му штети на угледот на Грција“.

Десетици илјади борци со Демократската армија, од кои половина биле словенски говорители, заминале во егзил во земјите од Источниот блок за време на граѓанската војна и по неа. Комунистите пренеле околу 20.000 деца преку границата, или за нивна заштита или како резервни сили за иден контранапад.

Многу цивили-словенски говорители исто така заминале на север во потрага по безбедност.

Цели села биле оставени празни, како старата населба Кристалопиги (Смрдеж на македонски) во близина на албанската граница, каде што само импозантната црква „Свети Ѓорѓи“ сведочи за населението што некогаш имало повеќе од 1.500 души.

Во 1982 година, повеќе од 30 години по завршувањето на конфликтот, грчката социјалистичка влада издаде декрет со кој им се дозволува на бегалците од граѓанската војна да се вратат – но само оние што се „со грчка етничка припадност“. Етничките Македонци од Грција останаа отсечени од својата земја, своите села и своите имоти; семејствата разделени од војната никогаш повторно не беа обединети.

И таткото и братот на сопругата на Фокас починале во Скопје. Но, посочува тој, тој декрет премолчено признаваше дека во Грција има етнички Македонци, иако државата никогаш не го призна нивното постоење: „Тие воени бегалци таму ги оставија децата, внуците, татковците, мајките. Што беа тие ако не Македонци?“

Невозможно е точно да се пресмета бројот на словенските говорители или на потомците на етничките Македонци во Грција. Историчарот Леонидас Ембирикос проценува дека повеќе од 100.000 сè уште живеат во грчкиот регион Македонија, иако само 10.000 до 20.000 од нив отворено ќе се идентификуваат како припадници на малцинството – а голем број други се горди грчки националисти.

Македонскиот јазик со децении веќе не е официјално забранет во Грција, но стравот сè уште трае. Еден средовечен маж што го сретнав во едно село во близина на полињата кај Преспанско Езеро, каде што договорот меѓу Грција и северномакедонската република првпат беше потпишан во јуни минатата година, ми објасни дека овој страв се пренесува од генерација на генерација. „Моите родители не го зборуваа јазикот дома за случајно да не го научам и да го зборувам во јавноста. За да ме заштитат. Ние дури веќе и не се сеќаваме зошто се плашиме“, рече тој. Полека јазикот умира. Годините репресија го потиснале во затворени простории; асимилацијата си ја привршува работата.

А сепак, зборувањето или пеењето на македонски јазик сè уште може да биде причина за малтретирање. Синот на господинот Фокас е музичар; тој ни свири на моќната македонска флејта пред очите на неговото сопствено синче. Тој и група пријатели биле организатори на еден меѓународен музички фестивал на селскиот плоштад, со бендови од далеку, од Бразил, Мексико и Русија.

„Откако ќе отсвиреа тие бендови, ќе имавме забава и ќе свиревме македонски песни“, вели тој. „Ниту една од нив не беше националистичка или сепаратистичка песна – ние никогаш не би го дозволиле тоа. Но, во 2008 година, додека ги очекувавме странските музичари да пристигнат, локалната власт одеднаш ни забрани да го одржуваме фестивалот на плоштадот, иако другите луѓе – истите тие што сакаа нас да нè забранат – сè уште си одржуваат свои сопствени настани таму“.

Во последен момент, фестивалот бил преместен на едно поле надвор од селото, меѓу трските и мочуриштата, без соодветните капацитети – што, посочува синот на господинот Фокас, само го нарушува угледот на Грција.

„А знаете зошто песните се забранети на плоштадот, но не и на полињата надвор од селото?“ додава неговиот татко. „Бидејќи околу плоштадот има кафулиња, а локалците можат да седат таму и скришум да гледаат и да слушаат. Но надвор од селото тие се плашат да дојдат – со тоа ќе го привлечат вниманието кон себе“.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави