Министерот за надворешни работи Никола Димитров во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели дека главната тема на претстојните претседателски избори треба да биде иднината на државата, а во однос на тоа дали е можен кандидат за претседател посочува дека има многу квалитетни луѓе во коалицијата и оти најважно е Владата да има принципиелен партнер во идниот претседател.
– Мислам дека главната тема на претседателските избори треба да биде иднината на нашата земја. Како до подобар живот за нашите граѓани, како да не се мислиме што ќе биде со нас, дали ќе не биде и тука ќе се судрат двата наративи, едниот на надежта и другиот на стравот, вели Димитров, одговарајќи на прашањето дека се чини оти кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска по досегашните настапи сака главна тема на претседателските избори да биде Преспанскиот договор.
Во однос на тоа дали има доволно високо расположение во ЕУ за доделување датум во јуни за преговори со оглед на критиките од Брисел, посебно за владеењето на правото, Димитров оценува дека ќе биде голем проблем за кредибилитетот за целиот пристапен процес за политиката на ЕУ кон Балканот, ако не се поддржи успехот на нашата земја.
– Мислам дека е од голема важност иднината на СЈО. Тоа е важно. Мислам дека имаме голем аргумент не само со новиот закон со кој се формираше Комисијата за корупцијата, туку и како ги избравме антикорупционерите. Значи, имаме Комисија со заби која може да гризе, а составена од луѓе избрани на јавен транспарентен начин. И од секаде добивам сигнали дека таму има извонредна експертиза. Ако испорачаме уште некои работи ќе имаме добра кондиција по европските избори да ни дозволат да го почнеме патот кон Европа, смета Димитров.
Прашан дали Министерството за надворешни работи има дипломатски активности за случајот Груевски за негова екстрадиција, Димитров вели дека овој проблем се реактуелизира со последните чекори од Обвинителството во однос на 27 април. – Ние тука имавме делумна амнестија, која направи дистинкција, ги разграничи оние кои организирале, оние кои учествувале во насилство. Ќе видиме што ќе направи Обвинителството, мислам дека ќе има кон Министерството за правда едно дополнување на барањето за екстрадиција, вели Димитров, додавајќи дека со Унгарија имаме различно гледање на случајот Груевски.
– Имаме различен интерес и целосно различно гледање на случајот со Груевски, бидејќи ние имавме домашна задача од Европскиот совет во заклучоците од минатата година – да има одговорност за индициите за злоупотреби, криминал, корупција од прислушуваните разговори и за нападот врз Собранието, посебно за организаторите и иницијаторите, појаснува Димитров.