Сојузот на борците од Прилеп, заедно со Сојузи на борците од повеќе градови, со планинарите од прилепските и од други планинарски друштва и граѓани денеска со традиционален марш ја одбележаа 75-годишнината од големата епопеја од НОБ и Револуцијата – Богомилскиот или познатиот Февруарски поход.
Маршот започна изутрината од пред Меморијалниот музеј „11 Октомври” во центарот на Прилеп и повеќечасовната маршрута беше на релација по Селечка планина, и тоа: од месностите Бучало – Бузана чешма – Дунанива – Петров кладенец – Домаќинско чешмиче, па до манастирот „Свети Димитрија” и до селото Селце. На маршот во чест на храброста на партизанските единици при големиот Февруарски поход 1944 година, учествуваа планинарските друштва од Прилеп, гости од другите градови од земјава и голем број граѓани.
Според Круме Соколоски, претседател на прилепскиот Сојуз на борци кој е организатор на овој традиционален марш, нагласи дека големата епопеја на борците и партизаните е со огромно значење – омасовување на партизанското движење за ослободување на земјата од фашистичкиот окупатор.
– Секоја година Сојузот на борци и продолжувачи на традициите од НОБ го одбележува овој значаен настан – Богомилскиот или, познат како Февруарски поход. Прилеп, градот херој се гордее што во НОБ и револуцијата даде многу борци и народни херои. Годинава е голем јубилеј 75 годин и од епопејата која почнала во втората половина на декември 1943, па до крајот на февруари 1944-та. Февруарскиот поход е значаен зашто опфаќа голема територија, почнувајќи од Дебарца, па јужна, југозападна, источна Македонија. Тоа движење овозможува да се оформат нови бригади, нови партизански одреди и да се омасови Народноослободителното движење за слобода на македонскиот народ и на сите народности кои живеат во Македонија. Прилеп достоинствено ги одбележува сите значајни настани и датуми од НОБ и револуцијата. Ова е еден од најзначајните настани во НОБ и треба да го почитуваат идните генерации, објасни Соколоски.
На одбележувањето учествуваа од Сојузите на борци од Демир Хисар, од Велес, Битола, од Гостивар. Радислав Ѓиноски, претседател на Сојузот на борците од Гостивар вели дека ова е голен настан и прави пресврт во НОБ, а учествувале и негови сограѓани.
– Учесниците во Февруарскиот поход претежно беа млади луѓе, но свесни за големината на времето, готови да жртвуваат за иднината. Денес најголемо богатство е да се биде свој на своето. Дојдовме да дадеме скромен придонес во одбележувањето на 75-годишнината од славната епопеја од НОБ и Револуцијата, Богомилскиот или Февруарскиот поход. Во оваа славна епопеја учествува и наши 40 сограѓани. За жал некои не го издржаа тој борбен пат на Првата Македонско-Косовска бригада во која заменик -командант беше нашиот сограѓанин, народниот херој Чеде Филипоски – Даме, изјави Ѓиноски.
Стеван Сарваноски, претседател на планинарското друштво „Козјак” од прилеп нагласува дека во традиционалниот марш се вклучуваат прилепските и планинарските друштва од, речиси, цела Северна Македонија.
– Ние планинарите од Прилеп и од повеќе градови, од Росоман, Неготино, од Битола даваме свој придонес за одржување на оваа манифестација. За момент се присетивме на тешките услови кои ги поминале борците, партизаните од Мариово до Богомила. Оваа зададена патека денеска успешно беше совладана. Ги донесовме гостите и се вклучуваме во одбележувањето на 75 -те години од големата епопеја, рече Сарваноски.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски смета дека Прилеп како град-херој не ги заборава славните традции и општината дава свој придонес во тоа.
– Чествуваме голем јубилеј – 75 години од Февруарскиот поход, големата епопеја на нашите славни предци, борци и херои и секогаш ќе останеме на поддршката на големите датуми од нашата НОБ и револуцијата, рече Јованоски.
Учесниците на традиционалниот марш во чест на Февруарскиот поход се дружеа и се потсетија на славното минато во манастирот „Свети Димитрија” кај прилепското село Селце.