СДСМ: Лажна е загриженоста на ВМРО-ДПМНЕ за овоштарите

Лажна е загриженоста на ВМРО-ДПМНЕ, овоштарите и Министерството заеднички ќе дојдат до решение за откупот на јаболка, реагира СДСМ по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ од каде предупредија дека повеќе од 50.000 тони јаболка ќе завршат во отпад.

„Проблемот за кој денес ВМРО-ДПМНЕ лаже и глуми загриженост, се решава во интерес на јаболкопроизводителите.

За таа цел, веќе се одржа состанок во Министерството за земјоделство. шумарство и водостопанство со производителите на јаболка од Преспанскиот регион. Во тек се интензивни консултаци помеѓу Министерството и производителите на јаболка и веќе за неколку денови се очекува изнаоѓање решение со коешто ќе се амортизираат загубите на овоштарите и ќе се реши пласманот.

Во меѓувреме, за оваа година, финансиската поддршка за одржување на насади со јаболка се зголемува од 33.000 на 41.000 денари по хектар, додека за оние овоштари кои имаат од 1 до 5 хектари, поддршката расте од 39.600 на 50.000 денари по хектар.

Истовремено, сите овоштари од преспанскиот регион ќе добијат за 15 отсто повисока субвенција за подрачја со ограничени можности, или во апсолутни бројки, субвенцијата ќе биде зголемена од 50.000 на 57.500 денари по хектар.

Исто така, со Програмата за 2019 година и трансформирањето на субвенцијата од килограм во единица површина, цената на индустрискојаболко се зголеми двојно.

Владата предводена од СДСМ останува посветена на наоѓања решенија за надминување на актуелните состојби и продолжува со спроведување на мерките што обезбедуваат зголемени субвенции, конкурентно производство и повеќе пари кај овоштарите и сите земјоделци“, велат од СДСМ во реакцијата.

Треба да знаете
Последни објави