Сѐ уште нема никаква реакција од власта по обидот за линч врз поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ, рече во изјава за медиумите портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој изјави дека уште нема ништо од истрагата, Управата за извршување санкции, Министерството за правда и премиерот Зоран Заев, но затоа има засилени отворени закани против членови на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Зоран Заев и Министерката Рената Треневска Десковска мислат дека добро се затскриле и го забошотиле случајот, нарекувајќи го инцидент и со оставка на директорот на затворот Скопје, терористи и криминалци земаат сила да одработат за целите на хунтата во предизборието. Фингираната оставка од директорот на затворот Скопје, е обид на Заев да ги сокрие вистинските намери. Директорот дал оставка ама ги подготвува извештајот. Ниту Управата за санкции ниту министерството за правда ги изнесе фактите и доказите како се случиле два обиди за линч во кратко време, за убиство на поранешни министри, ниту пак ќе ги прикаже видео материјалите од безбедносните камери“, рече Стоилковски.
Тој обвинува дека срамно се кријат фактите и се долева масло со тоа што се наведува дека ова бил инцидент предизвикан од вербални навреди од Ристовски и Јанакиески.
Обидот за линч, рече Стоилковски, не е инцидент, туку добро организиран напад, а истата група извршители без никакви стеги и натаму се закануваат по членови на ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе биле тепани и убиени.
„Власта молчи, одговорните молчат, уште и долеваат масло на огнот со нивното нереагирање. Тоа остава простор за и натаму оваа терористичка група и нивните поддржувачи да упатуваат, но и да преземаат акции против ВМРО-ДПМНЕ“, додаде Стоилковски.