Со месеци овоштарите од Преспа молат за помош и поддршка од неспособната Влада на СДСМ и министерот Николовски, изјави на прес-конференција, Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Обраќајќи се до власта рече дека повеќе од 50.000 тони на квалитетни јаболка заради нивната негрижа ќе бидат фрлени во отпад, а со тоа и трудот и маката на вредните земјоделци од Преспа ќе биде залуден.
„Луѓето молат за помош, а министерот за жал не наоѓа време да ги удостои за да најде решение за пласманот на брендот Преспанско јаболко. Патем оваа Влада им ветуваше и на јаболкарите, но и на сите земјоделци дека ќе им отвори пазари и откупувачи кои ќе се тепаат да го откупат нивниот род. Ни пазари отворија ни откупувачи донесоа, а земјоделците и овоштарите сега се оставени сами со своите маки. Од тоа што Министерот Николовски шеташе по светот со народни пари гледаме дека нема никакво фајде за земјоделецот, па сега имаме потрошени пари за неговите прошетки и истовремено земјоделство кое е клекнато на колена“, рече Трипуновски.
Додаде дека под итно се потребни пазари за повеќе од 50.000 тони на јаболка и да се исполнат барањата на овоштарите.
„Ако уште малку Министерството за земјоделство одолговлекува и не го решава проблемот со откупот на јаболката, ќе треба Министерството за животна средина да го решава со обезбедување на депонии кај што ќе бидат фрлени 50 илјади тони јаболка од Преспа“, рече Трипуновски и порача да се изнајдат пари за откуп на преспанското јаболко и редовно да се испкаќаат субвенциите.