16 термоелектрани на Балканот загадуваат повеќе од 250 термоелектрани во ЕУ

Шестнаесет термоелектрани на Западен Балкан ги загадуваат регионот и Европа повеќе од сите други 250 европски електрани на јаглен.

Најновиот извештај на Европската енергетска заедница со седиште во Виена и мрежата на невладини организации предводени од Алијансата за здравје и животна средина и европската организација за заштита на животната средина „”Europe Beyond Coal“, предупредуваат дека 16 термоелектрани на западен Балкан ја загадуваат цела Европа повеќе од сите други 250 европски електрани на јаглен.

Извештајот е објавен неделава во Брисел со намера владите во земјите, регионот, граѓаните и Европската Унија да предупредат дека загаденоста во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија е неподнослива и дека овие земји стануваат убијци на цела Европа, пишува „балканс.алџезира.нет“.

Францускиот дневен весник на левиот центар, „Либератион“, еден од трите водечки весници во Фрација, во издание од 22 февруари во детална анализа наведува дека поради застареноста на термоелектраните, отсуството на визионерската развојна политика и човековата негрижа кон животната средина, термоелектраните во регионот во просек емитуваат за 20 пати повеќе сулфур-диоксид и 16 пати повеќе отровни честички отколку оние во Европа.

Весникот ги пренесува наводите од најновите европски извештаи според кои здравствените трошоци кои можат да се доведат во врска со најголемите загадувачи во Европа изнесуваат од 6,1 до 11,5 милијарди евра годишно.

„Овие трошоци не ги плаќаат само граѓаните и економско загрозените земји, туку и членките на Европската Унија, имајќи в предвид дека загадениот воздух нема патни исправи, ниту пак може да биде сопрен на границата со Унијата“, наведува францускиот весник, повикувајќи се на изјави на енергетски и здравствени експерти.

Во годишниот европски извештај е наведено дека термоелектраната „Угљевик“ во Босна и Херцеговина емитува сулфурен диоксид колку сите германски термоелектрани заедно.

Во Македонија имало 104 случаи на прерана смрт од загадувањето на воздухот во 2016 година, 216 случаи на бронхитис, 46 случаи на хроничен бронхитис кај возрасни и 70 приеми во болница поради респираторни или кардиоваскуларни симптоми.

„Либератион“ потсетува дека земјите од западен Балкан мораат да почнат да ги намалуваат своите штетни емисии и на основа на меѓународните договори. Покрај Договорот за стабилизација и асоцијација кој сите земји од регионот го имаат потпишано со ЕУ, тука е и Договорот за енергетската заедница според кој поголем дел од термоелектраните во регионот веќе би требало драстично да ги намалат штетните емисии.

Од десетте најголеми термоелектрани кои испуштаат најголема концентрација на сулфур диоксид на тлото во Европа, пишува „Либератион“, девет се лоцирани на западен Балкан. Истото важи и со класификацијата на најотровните честички (PM10), од кои осум најотровни се доминантни во земјите од Западен Балкан. Поради загаденоста на воздухот ширум светот годишно предвреме умираат речиси седум милиони лица, додека од истата причина во ЕУ годишно умираат околу 400.000 луѓе, пишува францускиот весник.

Треба да знаете
Последни објави