Доколку пратениците во британскиот Парламент до почетокот на март не го одобрат Договорот за Брегзит, подобро би било Велика Британија да го одложи напуштањето на ЕУ, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц.
– Доколку до почетокот на март не биде обезбедна поддршка за Договорот за истапување, постигнат меѓу Лондон и Брисел, мислам дека би било подобро да се одложи Брегзитот, изјави Курц по пристигнувањето во Шарм ел Шејк, каде ќе учествува на дводневниот Самит на ЕУ и Арапската лига.
Во обид да добие дополнително време за да успее да издејствува нови отстапки од ЕУ, особено во врска со одредбата за „ирската граница”, британската премиерка Тереза Меј го одложи новото гласање за Договорот за Брегзит во Парламентот во Лондон за 12 март, односно на нешто повеќе од две недели пред планираното британско напуштање на Унијата.
Меј денеска по пристигнувањето во Шарм ел Шејк изјави дека Лондон и Брисел постигнале „начелен напредок” во преговорите за Брегзит и дека се уште е можно Велика Британија да ја напушти ЕУ на 29 март со постигнат договор, како и што беше планирано.
– И натаму на дофат на раката ни е можноста за истапување од ЕУ на 29 март со постигнат договор, изјави Меј, нагласувајќи дека на последните средби британските преговарачи со ЕУ постигнале „добар напредик” и имале „конструктивни разговори”.
Лондонските медиуми најавуваа дека на Самитот во Шарм ел Шејк, Меј ќе се обиде „да извлече дополнителни отстапки” од лидерите на ЕУ, но неименуван висок претставник на Унијата ја отфрли таквата можност. – Нема да има договор во пустината, изјави европскиот претставник.
Спорната одредба за „ирската граница” предвидува статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане непроменет и за време на преодниот период по Брегзит, што би требало да трае до крајот на 2020 година, во кој треба да се најде конечно решение.
Но, тврдокорните приврзаници на Брегзитот, пред се во редовите на Конзервативната партија на Меј, не се согласуваат со ваквата одредба во Договорот, бидејќи стравуваат дека со тоа Велика Британија би можела да остане „врзана за ЕУ, можеби и на неопределено време”.