Заев: Оперативниот план за вработување е шанса за сите!

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата држава, Нарине Сахакиан заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска со свои воведни обраќања ја најавија панел дискусијата за презентација на Оперативниот план за вработување за 2019.

Во продолжение во целост ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев.

„Денеска ќе зборуваме за нашиот оперативен план за 2019 со кој ќе поддржиме отворање на нови работни места, вработување на невработените граѓаните и младите луѓе, преку конкретни мерки за доквалификација, вработување на најранливите категории, поддршка за стартапите и иновативните бизнис идеи.

Нема поважна тема којашто ги интересира и засега нашите граѓани кои бараат работа и сакаат да имаат достоинствена работа за да можат да формираат сопствено семејство или да ги прехранат своите семејства и да ги извадат своите деца на прав пат.

Годинава како и лани Оперативниот план ги опфаќа поединците и компаниите, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост, обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини.

Оперативниот план за вработување е шанса за сите!

Секој да може да најде работа и да го реализира сопствениот талент, потенцијал или дар што го поседува.

И за оние кои имаат образование, а се без работа, да се прилагодат на новонастанатите услови и побарувања и да се активираат на пазарот на трудот, и за оние кои немаат образование да ги стекнат потребните вештини преку обуки и пракса.

На самиот почеток сакам да изразам голема благодарност до нашите пријатели и партнери УНДП за огромната поддршка и помош што ни ја пружаат за реализацијата на овој проект.

За оваа година издвоивме рекордни 1.1 милијарда денари што претставува историски највисок износ што некоја влада до сега го обезбедила за поддршка на отворање на нови работни места.

Она што особено ме радува е што Оперативниот план за вработување се покажа како исклучително ефикасна алатка која дава одлични резултати.

Во 2018 година имавме 95% реализација на планот со кој беа опфатени 6374 граѓани.

Преку Младинската гаранција којашто се спроведуваше во три општини, се вработија 1839 млади луѓе, а беа вклучени 5266 млади луѓе кои земаа учество во програмите за обука,  пракса и доквалификација.

Важно е да потенцирам дека оваа година Младинската гаранција ќе се спроведува на цела територија на Република Северна Македонија со посебен акцент на трите региони: североисточен, југозападен и полошки.

Значајно е да ги слушнеме сите аргументи, бројки и искуства и планови за спроведувањето на мерките од Оперативниот план за вработување.

Затоа денеска очекувам плодна дебата на денешната панел дискусија.

Ќе имаме прилика да ги слушнеме искуствата и личните примери на луѓе кои ги искористиле мерките и кои денеска имаат своја работа со која придонесуваат за своето семејство и за нашето општество.

На самиот крај дозволете ми да упатам еден апел до сите граѓани кои бараат работа да не чекаат повеќе – да  аплицираат за мерките и да ја зграбат оваа шанса која се отвора за сите!

Благодарам.“

Треба да знаете
Последни објави