Славниот настан во сезоната на балови во Австрија, Oпернбал, која ќе се одржи во четврток во Виена, е прилика за австриските политичари да повикаат колеги од странство, а меѓу овогодинешните гости на австриската политичка елита се политичари од Балканот.
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, на Oпернбал како свој гостин го повикал премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, пренесува агенцијата АПА.
Вице-канцеларот Хајнц Кристијан Штрахе, пак, на Oпернбал ги повикал шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ и унгарски министер, пишува „Танјуг“.
Од кабинетот на канцеларот објасниле дека причина за поканата на Заев на Опернбал првенствено е договорот постигнат со Грција околу името на државата, како и во фокусот на австриската надворешна политика кон Западен Балкан.
Заев ќе биде единствениот гостин на канцеларот, а тие ќе имаат и билатерална средба пред Oпернбал.
Заев претходно на покана на Курц беше во Виена кон крајот на јануари и во таа прилика му беше врачено признание за договорот постигнат со Грција.