Авионот кој го превезувал аргентинскиот напаѓач Емилијано Сала, кој се урна над Ламанш минатиот месец, немал лиценца за комерцијални летови, соопштија британските истражни органи.
Сепак оттаму споделија дека тоа било приватен лет, во кој трошоците биле поделени меѓу пилотот и патникот.
– Се уште не е јасно на каква основа патувал патникот на лет „Н264ДБ”, но пред тоа пилотот превезувал патници врз основа на споделени трошоци, пренесоа од британската организација за воздухопловни истраги во својот привремен извештај.
Пилотот Дејвид Иботсон го превезува Сала до неговиот нов клуб во англиската Премиер лига, Кардиф од неговиот претходен тим Нант во Франција на 21 јануари, кога се случи трагичниот инцидент. Фудбалските агенти Вили и Марк МекКеј, татко и син, беа ангажирани од Нант, за да го остварат трансферот. Зборувајќи за „Тајмс”, Вили МекКеј изјави дека Марк го организирал летот.
Авионот на „Пајпер ПА-46 Малибу” од 1984 година е регистриран во САД, се вели во извештајот. Инспекторите додадоа дека откако не го пронашле пасошот и лиценцата на пилотот, не станало јасно дали Иботсон бил овластен да лета ноќе. Во извештајот се забележува дека авионот полетал во 19:15 часот. Во 19:58, контролата на летови во Џерси го прашала пилотот дали работи висиномерот на авионот, бидејќи радарот индицирал дека тој летал пониско отколку што би требало.
Метеоролошкиот радар во исто време покажувал „дождови, некои од нив поројни кои биле во реонот на авионот”. Во 20:02, пилотот побарал дозвола за слетување. Контролорите го прашале пилотот дали има потреба од ново намалување на висината, на што тој одговорил со следново: „негативно, избегнав лесен проблем, се враќам на 5.000 метри височина”. Во 20:12, Иботсон побарал дополнително спуштање. Потоа, авионот се качил и спуштил два пати, пред да исчезне од радарот.
Остатоците од авионот беа пронајдени на морското дно на длабочина од околу 68 метри, се вели во извештајот, а истражните органи објавија официјални нови слики на авионот.
Извештајот додава дека две седишта од авионот, столовите и веројатно дел од трупот на авионот биле исфрлени на француското крајбрежје, додека седиште од авионот било откриено во Џерси.
Телото на Сала беше откриено меѓу остатоците од авионот на 7-ми февруари.