Со 15 милиони евра евтини кредити ќе се поддржат инвестициите на 39 мали и средни фирми

Со 15 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка – ЕИБ, ќе се поддржат инвестициите на 39 мали и средни фирми, кои првично ќе отворат околу 160 работни места, информираат од Кабинетот на министерот за финансии.

Како што велат од таму, со ова е комплетирана првата транша од 100-те милиони евра од ЕИБ за мали и средни претпријатија.

Директорот на МБПР, Драган Мартиновски, го информираше министерот за финансии Драган Тевдовски дека во текот на оваа недела проектите ќе бидат доставени до ЕИБ.

Речиси 90% од проектите во првата транша се долгорочни инвестиции. Најмногу се инвестира во деловни објекти, опрема и транспортни средства, а помалку во обртни средства.

Министерот Тевдовски посочи дека малите и средни претпријатија се важен дел од нашето стопанство, бидејќи тие претставуваат над 99% од вкупниот број на претпријатија кај нас. Тој посочи дека од таа причина, Владата преку оваа кредитна линија, како и низа други мерки се залага да обезбеди пристап до капитал за овие претпријатија.

„Евтините кредити од ЕИБ за мали и средни претпријатија во вкупна вредност од 100 милиони евра е наменет за реализација на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност и зголемен извоз за малите и средни претпријатија. Со ова, но и преку активните мерки за вработување и мерките за поддршка на претпријатијата се поддржува секторот на мали и средни претпријатија, кој од исклучително значење за економијата“, изјави Тевдовски.

Треба да знаете
Последни објави