Поранешниот тренер на Челзи, Жозе Мурињо, овојпат во улога на аналитичар го искажа своето мислење за вчерашниот инцидент помеѓу Маурицио Сари и Кепа Аризабалага, кој се случи во финалето од Карабао купот.
Како што објавивме претходно, ситуацијата се случи на самиот крај од второто продолжение од натпреварот помеѓу Челзи и Манчестер Сити, токму пред изведувањето на пеналите.
Челзи изгледаше солидно во текот на целиот натпревар и беше рамноправен противник на Манчестер Сити цели 120 минути. Но, уште пред крајот на судискиот свиреж во 120-тата минута изгледаше дека финалето е веќе загубено, и тоа поради ситуацијата која ја предизвика младиот голман Кепа Аризабалага.
„Не ми се допадна тоа што Кепа ги стави Сари и неговите асистенци во незгодна ситуација. За среќа, никогаш не сум морал да се соочам со ова“, изјави Мурињо за ситуацијата.
Иако го искритикува младиот Шпанец, сепак Мурињо најде и светла точка во неговата постапка. Наместо да го нападне играчот, како што често знаеше да го направи тоа додека беше тренер, тој се стави во негова одбрана.
„Голманот сака да го покаже неговиот карактер, неговата самодоверба, сака да му покаже на тренерот дека е таму и дека сака да биде дел од пенал-рулетот и да обрани неколку топки – тоа навистина ми се допаѓа“, додаде Мурињо.
По натпреварот, Кепа Аризабалага и Маурицио Сари со поединечни изјави ја разјаснија ситуацијата и рекоа дека се работи за недоразбирање. Шпанецот рече дека симулирал повреда за да задржи време, па затоа одбил да излезе кога Сари реши да го замени.