Годинешното 37-мо издание на Филмскиот фестивал во Бергамо (Bergamo Film Meeting), кое се одржува од 9 до 17 март, приредува ретроспектива на комплетното творештво на Карпо Година, режисер, кинематографер, сценарист и монтажер.
Карпо Аќимовиќ Година е роден во Скопје, на 26 јуни 1943 година. Мајка му Милена Година, Словенка, е актерка која учествувала во првата претстава „Платон Кречет“ на македонски јазик во Македонскиот народен театар 1945 година. Се работи за драмата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески.
Татко му Виктор Аќимовиќ, родум од Тетово, е една од најживописните фигури од крајот на Втората светска војна и повоениот период. Бил левичарски ориентиран интелектуалец пред војната, агент на тајните служби на Советскиот Сојуз, новинар и фоторепортер на „Нова Македонија“ и дописник на белградска „Политика“ за Јужен Балкан по Втората светска војна. Неговиот живот е поголем од кој било политички трилер филм што можете да го замислите, а филмот му била голема пасија, и е добро познато име во кругот на филмските аматери и професионалци во тој период.
Фестивалот во Бергамо го чествува Година како една од најрепрезентативните фигури на тн. „црн бран“ во југословенската и словенечката кинематографија.
Оваа ретроспектива на Година во Бергамо – за првпат го содржи неговото комплетно творештво во авангардниот краткометражен филм и долгометражни играни филмови – следува непосредно по наградата што авторот ја доби од еден од најпрестижните светски музеи, њујоршкиот МОМА (The Museum of Modern Art), каде што се одржа првата американска ретроспектива во неговата кариера, што се совпадна со изложбата „Бетонска утопија: Архитектура во Југославија, 1948-1980“.
Фестивалот во Бергамо е основан од новинарот Сандро Ѕамбети и режисерот Анџело Сињорели, а неговата цел е промоцијата на знаењето и ширењето на филмската култура на локално и национално ниво, со Аудиториумот на Пјаца Либерта како главно место на проекциите. Фестивалот организира средби со автори, работилници и други активности поврзани со филмот и уметничкиот свет. Листата на авторите кои биле во фокусот на програмата на Бергамо и неговите гости е импресивна: Нагиса Ошима, Шохеи Имамура, Питер Селерс, Јан Шванкмајер, Роџер Корман, Дејвид Лин, Рене Клер, Жан Габен, Клер Дени, Дирк Богарт.