Мајката на Пино протестира пред Собранието, бара одговори каде е нејзиниот син

Педесеттина луѓе се собрани на протестот #KADEEPINO пред Собранието каде Маја Трпковска, мајката на Пинета Секондо (26) кој исчезна на 10 декември бара одговори од МВР каде е нејзиниот син. Таа 77 дена живее во агонија, во исчекување и надеж. Ги повикува сите кои имаат некој близок кој исчезнал без трага и глас и сите граѓани кои живеат во страв за својата безбедност, по сите овие зачестени исчезнувања на луѓе, да излезат да ѝ се придружат.

Tаа открива дека е разочарана од потрагата по нејзиниот син, која до сега не дала никакви резултати. Се потресува секојдневно од вестите за некој ичезнат или пронајден мртов.

„Јас сакам да добијам извештај за сите овие 77 дена, што имаат направено од Секторот за исчезнати лица, зошто не сакаат да соработуваат со мене? Се кријат. Додека не го најдеме Пино, јас секој трет ден ќе протестирам. Ако треба со синџир ќе се врзам пред врата, зашто ова не е Влада, тие си гледаат само за нив,  зашто да беше нивно дете јас сум сигурна дека цела држава ќе ја превртеа, нема куќа во која немаше да влезат, нема гаража во која немаше да влезат“, вели Трпковска.

 

Кон протестот се приклучи и Бекир Аслан, татко на Арбен Аслан, кој исчезнал на 23 јануари годинава, а последен пат бил виден како влегува во нечие возило, кое сè уште не е пронајдено.

 

Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави