Церемонијата на доделување Оскари, која се одржа синоќа, донесе многу радост за Рами Малек, нов Оскар за Алфонсо Куарон и една многу емотивна музичка изведба на Лејди Гага и Бредли Купер. Во продолжение, прочитајте повеќе за Оскари 2019, наградените филмови и актерки, како и целокупната атмосфера.
Во вечер во која доминираше гламурот и отменоста на холивудската елита, Академијата не дозволи да заборавиме дека главната ѕвезда на вечерта се златните статуетки, популарно наречени Оскари.
Иако очигледно не беше најпопуларниот избор, сепак „Green Book“ беше прогласен за Најдобар филм за изминатата година, по избор на Академијата. Пред почетокот на Оскарите, како фаворит за оваа награда се сметаше „Roma“ на режисерот Алфонсо Куарон, но Мексиканецот мораше да се задоволи со наградата за Најдобар режисер. Двата филма, „Green Book“ и „Roma“ добија по три Оскари.
„Bohemian Rhapsody“ доби најмногу Оскари синоќа, вкупно четири, меѓу кои и онаа за Најдобар актер во главна улога, која му припадна на Рами Малек за улогата на Фреди Меркјури во овој биографски филм за рок-групата „Квин“. Британската актерка Оливија Колман го доби првиот Оскар во кариерата за улогата во филмот „The Favourite“ и ја шармираше публиката присутна синоќа на гала-вечерта со нејзиниот емотивен и шармантен говор.
Помеѓу победниците на вечерта беше и Лејди Гага, која го доби Оскарот за Најдобра оригинална песна за „Shallow“ од филмот „A Star is Born“, а освен тоа успеа одново да ја воодушеви публиката со нејзината изведба на песната, заедно со Бредли Купер.
Наградата за Најдобар анимиран филм му припадна на „Spider-man: Into the Spider-Verse“, а Marvel успеаја да стигнат до уште три Оскари, благодарение на „Black Panther“.