Египетските и саудиските лидери во своите говори на Самитот на Европска Унија и Арапска Лига, што се одржува во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, се фокусираа на палестинското прашање.
Претседателот на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси побара сеопфатно решение за палестинското прашање.
Тој во говорот истакна и дека регионалните сили не се во состојба да ги решат судирите во Либија и во Јемен.
Додека саудискиот крал Салман бин Абдулазиз наведе дека палестинското прашање е приоритет за арапските земји, додавајќи оти неговата земја сака мирно решение за јеменскиот судир на инцијатива на земјите од Персиски Залив.
Абдулазиз побара и заедничка меѓународна акција против Иран и упати критики кон Техеран поради „истрелување на балистички ракети кон саудиска територија и безбедносните закани во регионот на Црвено Море”.
Додека претседателот на Палестинската Управа, Мухамед Абас наведе дека какви било планови кои не се засновани на резолуции со меѓународен легитимитет нема да успеат, бидејќи нема да резултираат со независна и суверена палестинска држава и со Источен Ерусалим како главен град.
– Обидите на американската администрација и израелската Влада да ги нормализираат односите со арапските и исламски држави нема да донесе мир и безбедност за Израел, истакна Абас.
Тој упати апел до земјите членки на ЕУ да преземат практични мерки за остварување на мирот, почнувајќи од спротиставување на израелските проекти за ширење на населби во окупираните територии и консолидирање на визијата за дводржавно решение со неповратни политички и законски мерки, вклучително и признавање на палестинската држава.
Абас побара и одржување на меѓународна мировна конференција како и формирање на меѓународен мултилатерален механизам за покренување на преговори со кои би се ставило крај на најдолгата окупација во современата историја и да се осигури мир и безбедност за сите.
Палестинскиот лидер истакна дека се надева оти ЕУ ќе помогне во организирањето и набљудувањето на престојните парламентарни избори во Западен Брег, во Источен Ерусалим и во Појасот Газа.
На дводневниот Самит во Шарм ел Шеик, што е прв од таков вид, учествуваат шефови на држави и влади од 28 земји членки на ЕУ и на 21 арапски држави.
Предизвиците на европската миграција, борбата против тероризмот, како и против организираниот криминал се централни теми на Самитот што се одржува под мотото „Инвестирање во стабилност”.
Под силни безбедносни мерки дводневниот самит вчера го отвори Ел-Сиси, кој во говорот ја пофали историската соработка помеѓу ЕУ и АЛ.
Ел-Сиси ја повика ЕУ да ги здружи силите со арапските земји во борбата против тероризмот.
– Тероризмот како чума се прошири низ светот. ЕУ и арапскиот свет мора да соработуваат за заеднички да се изборат со таквиот предизвик, посочи Ел-Сиси.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск укажа и на разликите помеѓу двете организации.
– Свесен сум дека има разлики помеѓу нас. Не сме овде за да се преправаме дека се согласуваме за се. Но, се соочуваме со заеднички предизвици и имаме заеднички интереси. Денеска сме тука за да ја зајакнеме нашата соработка во корист на нашите народи. Мораме да работиме заедно и да не го предадеме тоа на глобалните моќници кои се далеку од нашите региони, наведе Туск.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини пред почетокот на самитот наведе дека состанокот не е само за миграцијата туку и за зајакнување на економската соработка и мировниот процес на Блискиот Исток.
– Бидете сигурни дека отворено и искрено ќе ги решаваме сите прашања, дури и тие најтешките. Нема табуа ниту со еден наш партнер, истакна Могерини.
Претседателот на Европска Комисија, Жан-Клод Јункер изрази желба ЕУ и арапскиот свет заедно да ги бранат основните вредности.
– Би сакал заедни да ги браниме темелните вредности – почитување на човековите права и толеранцијата, наведе Јункер.