Францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави дека „за неколку месеци” ќе го посети Ирак, каде што Франција „ќе остане” воено ангажирана, јави дописникот на МИА.
– Старото пријателство (меѓу Франција и Ирак) беше нашиот бастион против тероризмот, сега мора да се негува со конкретни проекти со цел заеднички да се изгради траен мир. Тоа е мојата желба, тоа е пораката што јас ќе ја пренесам за неколку месеци во Ирак, изјави Макрон на прес-конференција во Елисејската палата по средбата со ирачкиот претседател Бархам Салех, кој престојува во посета на Париз.
Првично беше предвидено Maкрон да го посети Ирак во текот на овој месец, но реши да ја одложи посетата поради случувањата во Франција, пред се поради „голема дебата” организирана како одговор на кризата со протестите на „жолтите елеци”.
Франција, која е воено присутна во Ирак како дел од коалицијата за борбата против Исламската држава (ИД), во последниве неколку месеци потврди дека ќе ја продолжи својата соработка со Багдад и по поразот на џихадистичката организација, преку обука на ирачките сили.
– Заканите и натаму се големи. Франција е и ќе остане заедно со Ирачаните и политички и воено. Посакувам нашите војници… да можат да придонесат за градење на капацитетите на ирачките сили, истакна Макрон.
Париз се обидува да го убеди Багдад да се согласи да ги прифати „француските џихадисти”, кои се заробени од страна на силите на сириските Курди и да им се суди во Ирак.