Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во име на Владата на Република Северна Македонија и министерството, денеска ја предводеше панел дискусијата на тема „Лидерство засновано на вредности – од принципи до реализација“, организирана по повод одбележувањето на 15 годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски, во соработка со Меѓународната фондација Борис Трајковски.
За министерот Димитров претседателот Борис Трајковски, во тешката 2001 година, беше еден од столбовите зашто ја зачувавме нашата земја таква каква што ја имаме денес, со сочувана традиција на толеранција и меѓусебното почитување, како и блиската соработка со НАТО и ЕУ.
„Тука сме да разговараме за неговото наследство и за тоа како тоа наследство може да не води понатаму, актуелно и ден денес, и за зборовите кои што ми доаѓаат на ум и во срце тогаш кога зборуваме за претседателот Борис Трајковски: лидерство, мир, помирување, искреност и интегритет. Тој го сакаше народот, го ценеше и инвестираше во соживотот. Многу нé задолжи. Тој беше лидер од акција, не ги избегнуваше проблемите, туку директно се соочуваше со нив и ги решаваше. Во тешката 2001 година, тој не мислеше на својот рејтинг, туку на тоа што е исправно за земјата“, рече министерот Димитров.
Поранешниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ со многу емоции зборуваше за претседателот Борис Трајковски, истакнувајќи дека не е лесно да се зборува за него.
„Нема сомнеж дека тој покажа силно лидерство во многу тешко време за земјата и за граѓаните. Визијата и наследството на претседателот Трајковски сега се остваруваат во неговата татковина и верувам дека тој би бил среќен да ја види својата татковина како оди со крупни чекори кон евроатланските интеграции, кон напредок, и дека е фактор на мирот и стабилноста во регионот“, подвлече поранешниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ.
Поранешниот претседател на Република Албанија, Алфред Мојсиу, потсетувајќи се на честите состаноци со претседателот Борис Трајковски, истакна дека заедно ги поставиле темелите на едно многу важно партнерство меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија.
„Поминаа 15 години од неговото починување, но неговата работа и придонес не се загубија и не се заборавија. Денес политичарите и тие кои што се посветени на иднината на народите на оваа земја, успеаа да направат паметна, мудра работа која што го отвори патот за интеграцијата на вашата земја во НАТО и ЕУ, и го оствари големиот сон на Борис Трајковски“, рече поранешниот претседател на Република Албанија, Алфред Мојсиу.
Поранешниот претседател на Романија, Емил Константинеску, се сеќава на Борис Трајковски како на голем водач во еден тежок период на транзицијата со тешки околности, кој покажа дека демократијата и соработката се најважни предуслови за решавање на конфликти низ целиот свет, како чекори кон глобална култура на мирот.
Францускиот дипломат Ален Ле Роа, зборуваше за визијата и одговорноста на претседателот Борис Трајковски во преземањето одлуки во корист на сите луѓе и во корист на земјата.
„Евроатланската интеграција бараше големо лидерство како што се случува и сега. Се надевам и верувам дека претседателот Трајковски беше инспирација за одлуките кои што се донесоа во ова својство. Неговите вредности ќе останат инспирација за сите лидери во оваа земја, но исто така и во Европа и можам да кажам дека знам колку голем човек беше Борис Трајковски“, истакна францускиот дипломат, Ален Ле Роа.
Поранешниот висок функционер на НАТО и сегашен член на „Охридската група“, Сер Барни Вајт Спанер, со задоволство говореше за времето кога како британски генерал, раководел со силите на НАТО во периодот од 2001 година.
„Имав привилегија да соработувам со Борис Трајковски. Сите гледавме што се случува во Западниот Балкан и се плашевме дека кризата може да се прелее и во Северна Македонија. Она што беше карактеристично за 2001 година беше тоа како се разликувавте од останатите во регионот и дека се оттргнавте од таа опасност благодарение на лидерството на Борис Трајковски“, рече поранешниот висок функционер на НАТО, Сер Барни Вајт Спанер.
На оваа панел дискусија, за сеќавањата на претседателот Борис Трајковски зборуваа и многу други истакнати политичари, дипломати и поранешни претседатели на држави и влади кои имале чест да соработуваат со претседателот Борис Трајковски.