Министерството за внатрешни работи го чека извештајот од затворот Скопје и Управата за извршување санкции во врска со инцидентот од минатата недела кога притворените поранешни министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски по вербална расправа биле нападнати од затвореници.
-Чекаме да заврши внатрешната истрага, бидејќи затворот и Управата се задолжени за внатрешното обезбедување и врз основа на тие извештаи доколку имаме наредба за какво било постапување ќе постапиме, рече Спасовски денеска на прес-конференција.
Директорот на затворот „Шутка”, Ѓоко Котевски, најави дека денеска ќе биде доставен извештајот за инцидентот, заедно со неговата оставка, која минатата недела ја побара премиерот Зоран Заев.
На 21 февруари околу 13 часот за време на редовна прошетка на притвореници дошло до вербален инцидент предизвикан од лицето С.Р. кон лицето Л.К. кој подоцна преминал во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. Околу 13:45 часот, повторно за време на редовна прошетка на притворениците дошло до друг вербален инцидент предизвикан од лицето М.Ј. кон лицето Е.К. кој подоцна преминал во физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. За двата инциденти прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд, соопштија минатата недела од затворот „Скопје”.
По инцидентите за Ристовски и Јанакиески веднаш биле обезбедени прегледи и соодветна грижа од домскиот лекар, а потоа Ристоски не побара дополнителна медицинска помош, додека Јанакиески се пожалил на болки поради што беше однесен во ГОБ „8 Септември”.
На Јанакиески и Ристовски, во средата им беше одреден 30-дневен притвор во врска со случувањата во Собранието на „27 април”, а потоа Обвинителството мерката за поранешниот министер за транспорт и врски ја преиначи во домашен притвор.
Јанакиески и Ристоски, заедно со Трајко Вељаноски, Никола Груевски и Никола Бошковски се осомничени дека се организатори на настаните во Собранието на 27 април .
На новинарско прашање дали обвинителството му дало налог на МВР да се следи движењето на пратениците кои се под истрага, меѓу кои е Вељаноски, на кој вчера Собранието не му го одзеде имунитетот, откако Талат Џафери ја прекина седницата, Спасовски одговори дека Министерството не добило такво барање.