Рускиот вицепремиер Дмитриј Козак никогаш не се сренал со својот италијански колега Матео Салвини и немал разговори со него, а тврдењата во медиумите за таков настан се невистинити, изјави портпаролот на Козак, Илија Џус, во неделата.
Претходно во неделата, италијанскиот весник „Еспресо” објави статија во која се вели дека Салвини ја посетил Русија за „тајни преговори” за да добие финансиска поддршка за својата партија Лига. Во статијата се тврди дека Салвини се сретнал со Козак инкогнито.
„Т.н. истражувачка сторија на „Еспресо“ се базира на неосновани претпоставки, кои не му прават услуга на весникот. Козак лично никогаш лично не се запознал со Салвини, ниту официјално ниту тајно не се сретнал со него, никогаш не пиеле кафе во оваа или некоја друга канцеларија , рече Џус.
Сторијата на „Еспресо“ во петокот ја презеде „Ла стампа“, која е дел од истата издавачка куќа. Во нивната статија се тврди дека финансиската помош била формализирана како договор за продажба на гориво со рускиот нафтен гигант „Роснефт”. Средствата- околу 3 милиони евра – биле примени од Лига за финансирање на кампањата на изборите во Европскиот парламент.
Од партијата изјавија за ТАСС дека Салвини не планира да ја коментира статијата за да не троши време на демантирање на апсолутно апсурдните и неосновани шпекулации на новинарите. „Роснефт“ побара од „Ла стампа“ да објави дека статијата е неоснована.
Покрај тоа, „Роснефт” апелираше до уредникот на „Ла стампа“ веднаш да ја повлече дезинформацијата за компанијата објавена во текстот, а во случај да биде одбиена, компанијата има намера да ги брани своите права на суд.
„Ла стампа” подоцна објави соопштение од руската компанија во кое се вели дека информациите во статијата во врска со „Роснефт” се целосно невистини, лажни, и објавени со цел да ѝ се наштети на деловната репутација на компанијата.