Неждет Мустафа, претседател на Обединетата партија за еманципација на Ромите, преку соопштение повика на отпор за ромскиот кандидат за претседателските избори. Тој му порача на Амди Бајрам да престане да ги гледа Ромите како свој двор и лесен смет за продажба.
Ставот на Мустафа го пренесуваме во целост.
„Ви се обраќам со целосна верба во вас и во нашиот семоќен и семилостив господар, без намера да му наштетам кому било, молам за малку внимание потребно за нашиот спас, за честа, за авторитетот, за достоинството, вербата, разумот и моќта. Историјата ќе ни суди, а народите што нè опкружуваат ќе ни се потсмеваат на етничката колективна свест при изборот на нашите избраници од кои очекуваме да бидат гласот на честа, на авторитетот, на мудроста и на моќта да се спротивстават на неправдата и понижувањата кон нас. Можеме ли да си ја дозволиме мудроста – каков народ, таков избраник“.
Зарем денешните млади генерации, силните интектуалци, невладините организации, ќе молчат пред целиот амбасадорски кор, пред македонската политичка сцена, пред универзитетскиот свет, пред секое наше работно место, на улиците и во кафулињата на срамните сатирични алузии на ТВ-каналите?
Спремни ли сме за уште еден срам, да дозволиме да нè злоупотребува кандидат за претседателските избори кој во минатото и денес и сè уште нè срами сите, нè понижува со своето незнаење и однесување, што е во интерес само на неговото користољубие. За ова има многу и многу да се говори и во минатото, и сега, но и во иднина. Но, од зборување нема фајде. Можеби повеќе само ќе си наштетиме. Дојде време сега и само сега, т.е. веднаш, барем еднаш да покажеме отпор и да направиме избор помеѓу доброто и злото, минатото и иднината, помеѓу личното понижување и нашата гордост, помеѓу нашата храброст и кукавичлукот. Ајде да покажеме дека ние не сме шума што само поради едно гнило дрво, ќе ја снема. Дрвото треба да се отстрани, а шумата да остане цела, недопрена и чиста. Секој да посака да се дружи со неа. Не, сега не е време за авантури, најмалку за лице што е исмејувано од граѓаните и медиумите. Не, сега не смееме да дозволиме стоти пат да докажеме дека сме слепци и дека не умееме да ги избираме наши лидери, дека сме неверници што носат со себе само недоверба и зло за себе, за своите деца и за својата татковината.
Ние Ромите мораме да ја почитуваме нашата иднина со сета почит кон себе, кон својот народ, да ја истакнеме нашата храброст и моќ да се надминеме себеси и можната недоверба и омраза меѓу нас, да ја замениме со луѓе кои, пред сè, се плашат од Господ, а потоа и од својот народ, да не ги продаваат, да не им наштетат, да не им прават зулуми и сплетки докажувајќи го своето невредено его, но и простотилак.
Да се чуваме од ѓаволот преобразен во нечие лице. Со него сите ќе потонеме. Затоа, Господ да ни го осветли умот за да направиме вистински и одлучен избор. Во спротивно, утре немаме право никому да му се жалиме за тешкиот, мизерен и живот на маргините од општеството. Ако самите ние не се промениме и не направиме вистински избор, никој друг тоа не ќе може да ни го подари. Во тој случај ние ќе страдаме од самите себе. Тогаш не сме миленици ниту на државата ниту на Господ.
И на крајот, да му се обратам на феноменот Амди Бајрам. Драг Амди, доста е веќе од твоите авантури со овој народ. Немаш ли трошка чест, па сè уште сакаш да го злоупотребуваш? Нели ти е непријатно и срам пред твоето семејство, пријателите, тие што велиш дека те поздравуваат, кога во континуитет при секоја твоја појава во медиумите правиш скандали и сплетки? Сметаш ли дека државата Македонија и ромскиот народ ќе застанат зад тебе како кандидат за претседател на Македонија?
Јас точно знам која ти е целта и со оваа сплетка. Но, и ромскиот народ не е виновен за твоите успешни сплетки. Виновни се македонските водечки лидери, кои ти дозволуваат да се поигруваш со овој сиромашен народ оти со тебе им е најлесно потоа да преговараат. На секој изборен циклус приредуваш скандал по скандал и ниту еднаш немаш понесено одговорност за изборниот зулум што го приредуваш во државава. Па, како тогаш кутриот ромски народ може да ти се спротивстави кога сè што ќе ти падне на ум го остваруваш со помош на истите тие што ги поддржуваш, а потоа ги изигруваш?
Во ред, познавајќи те добро и тебе, но и твојата итрина, се плашам и Зоран Заев да не добие гол со петица.
Е, море Амди, престани да ги гледаш Ромите како твој двор и лесен смет за продажба“, смета претседателот на Обединетата партија за еманципација на Ромите.