Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со хрватскиот министер за внатрешни работи г-дин Давор Божиновиќ на која се разговараше за актуелни теми од областа на безбедноста, како и за натамошната соработка меѓу двете министерства.
Партнерството и соработката со хрватското МВР и генерално со Република Хрватска, потенцира министерот Спасовски, за Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е од исклучително значење.
Министерот Спасовски му се заблагодари на својот хрватски колега за помошта на хрватското МВР во заедничкото справување со миграциската криза, но и за сите последователни активности за еден заеднички регионален пристап во превенирањето и справувањето со миграциите и потенцијалните проблеми што тие ги носат.
Министерот Божиновиќ потенцира дека Република Хрватска ќе и помогне на патот на Република Северна Македонија кон НАТО и ЕУ, а, во таа насока е и фактот дека за неколку дена оваа пријателска држава ќе го ратификува протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.
Работната средба се одржа во пресрет на отпочнувањето на дводневнатата Министерска конференција од “Брдо процесот“, односно Третиот состанок на Управниот одбор на иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИЦГ), што ќе се одржи утре и задутре во Скопје, а чиј домаќин е МВР.