Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ја отвори четвртата работна сесија на работната група за Земјоделство и рурален развој, организиранa од страна на Националната конвенција на Европската унија во Северна Македонија.
„Министерството интензивно работи на мерки за поддршка на руралните средини, особено преку програмите за финансиска поддршка каде се опфатени семејните фарми и стратешките определби за нивниот развој. Новите мерки во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, меѓу другото ќе овозможат и развој на семејното земјоделство. Во Програмата за директни плаќања од 2018 година да потенцирам ни се одвиваше проектот со ЕУ каде скениран е импактот на субвенции и Националните програми во делот на земјоделството. Оваа година имаме добиено точни препораки што е тоа што треба да го промениме и како да се прилагодиме на заедничката земјоделска политика на ЕУ. Ова е прва година во која што направивме конкретни чекори и знаеме што е тоа што ќе го направиме во следните години“, изјави Николовски.
Тој на работната сесија ги презентираше дел од останатите мерки од Програмите кои се во насока на развој на семејното земјоделство. Програмата за финансиска поддршка во руралниот развој за 2019 година опфаќа неколку мерки и видови на поддршка кои се однесуваат на семејното земјоделско стопанство. Мерката за финансиска поддршка за младите фармери за оваа година е зголемена од 10.000 на 20.000 евра, а дополнително, се отстранува и границата од 18 месеци за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Дополнително со мерката Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство се поддржуваат локалните земјоделски производители и семејните фарми.
Силен инпут во развојот на руралните средини ќе дадат и мерките од ИПАРД 2 Програмата, како што се мерката „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ за која што пристигнаа рекордни 1.099 барања, мерката „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“ како и мерката „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ за која што се веќе склучени 17 договори со вкупна вредност на инвестициите од 5,1 милиони евра.
Во Македонија во Единствениот регистар на земјоделски стопанства евидентирани се вкупно 170.523 земјоделски стопанства и од нив над 36 илјади носители се жени. Вкупната дигитализирана обработлива површина е над 233 илјади хектари, со просечна површина 0,52 хектари на едно македонско земјоделско стопанство.