к. Се повеќе земјоделци се пензионират без наследници со што во неповрат одат и вештините пренесувани со генерации. Малите држави како нашата се под голем притисок од големите регионални корпорации чија цел е профитот, а тоа е спротивно на идејата за развој на руралните подрачја, беше речено на денешната сесија на Работната група за земјоделство и рурален развој што се одржува во рамки на Националната конвенција за ЕУ во МКД.
Како што нагласи Васко Хаџиевски од Здружението на агроекономисти, земјава се уште нема прецизна дефиниција за семејни земјоделски стопанства, а постоечката, содржана во Законот за земјоделство и рурален развој, нема голема употребна вредност.
– Без подлабоко дефинирање на семејните земјоделски стопанства тие не можат да се одвојат од останатите и да си најдат посебно место во политиката за поддршка, потенцира Хаџиевски.
Според него, за земјава е важно вистинските семејни земјоделски стопанства да се поддржат зашто тие се столбот на руралниот развој и носители на општествените социоекономски придобивки. Тие се воедно и чувари на традицијата и на земјата. Нивното издвојување како посебна категорија е неопходно за креирање конкретна поддршка.
Освен големината на фармата и расположливата површина, критериуми за дефинирње на семејните земјоделски стопанства може да бидат и трудот, управувањето, обезбедувањето средства за живот, сопственоста на капиталот и на земјиштето, употребата на произодите од фарма,…
– Надлежните институции мора да иницираат јавна дебата на која ќе се дефинираат критериуми за тоа што е вистинско семејно земјоделско стопанство, а што не. Притоа, критериумите треба да се водат од потребата во оваа дефиниција да бидат опфатени што повеќе семејства кои како заедница придонесуваат за руралниот и воопшто, за економскиот развој на државата, напомена Хаџиевски.
Претседателката на Националната федерација на фармери Васка Мојсовска укажа дека земјава со влезот во ЕУ ќе мора да ги зачува домашното производство и домашните производи. Во овој контекст, рече Мојсовска, се наметнува прашањето како да се мотивираат младите да останат во село и да ја продолжат традицијата. Во нив, треба да се вложува најмногу.
– Секое земјоделско стопанство кај нас различно инвестира зависно од степенот на образование. Колку се членовите на семејството поедуцирани, толку повеќе стопанството напредува, вметнувајќи меѓу другото и нови технологии, нагласи Мојсовска.
Согласно официјалните статистички податоци, 12 отсто од БДП отпаѓа на земјоделството, 180 илјади семејства егзистираат од оваа дејност, а 45 проценти од населението живее во руралните средини.
Како што посочи Хаџиевски, според пописот на земјоделството во 2007 година евидентирани се вкупно 192.675 земјоделски домаќинства и притоа, скоро сите, се семејни земјоделски стопанства.
На сесијата прв се обрати министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој уште еднаш потенцира дека Владата е насочена кон максимална поддршка на руралниот развој. Поради тоа се воведени и нови мерки, особено онаа за мали земјоделци кои располагаат со површини од 0,2 до еден хектар.
Министерот порача дека земјава мора да ги зачува засега евидентираните 13 илјади земјоделски стопанства во руралните средини.
Денешната сесија е четврта по претходно организираните три чии теми беа ИПАРД, финансирањето во земјоделството и руралниот развој, како и задругите. Во фокусот на четвртата сесија се токму семејните земјоделски стопанства.