„За нашата земја 2018 година беше година од историско значење, година кога конечно го решивме спорот со Република Грција. Со договорот од Преспа, и со неговата ратификација во двете земји затворивме проблем кој постоеше повеќе од 25 години и го трансформиравме во стабилно пријателство, потег кој треба да биде мотивација и инспирација за сите. Паралелно со политичкиот процес, работевме напорно на клучните реформски области зададени од Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година и тоа, реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација“.
Ова, меѓу другото, денес го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето воведно обраќање на министерската конференција во рамки на Брдо Процесот што денес се одржува во Скопје, односно на Третиот состанок на Управниот одбор на иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИЦГ), чиишто домаќин и коорганизатор, заедно со словенечкото претседателство со Брдо процесот, е токму Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Поздравувајќи ги учесниците на конференцијата министерот Спасовски кусо се осврна на низа досегашни реформски активности во рамки на министерството за внатрешни работи а кои имаат за цел воспоставување и зајакнување на професионалните стандарди, владеење на правото и функционирање на правната држава. “Реформски процеси се водат во областите оценети како најкритични и кои имаа негативни референциво извештаите на Европската комисија и релевантните меѓународни организации, области кои се најсуштествени во Министерството и се од исклучителна важност за гарантирање на безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните“, нагласи министерот Спасовски.
Покрај ова министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија Оливер Спасовски се осврна и на важноста на самата иницијатива за интегрирано управување со внатрешната безбедност.
“Радува фактот што во регионот се воведе иницијатива за интегрирано управување со внатрешната безбедност која ги спои под едно заглавје иницијативите за надворешна помош, ги вклучи и регионалните иницијативи и организации во спроведувањето и реализирањето на таа помош и ги постави основите на вистинска координација на внатрешната безбедност на овој регион. Механизмот на интегрирано управување со внатрешната безбедност ја обезбедува потребната синергија меѓу различните регионални ииницијативи, осигурувајќи одржливост и еден сеопфатен пристап во постапувањето на сите национални администрации на земјите кориснички, но и на сите регионални рамки и постоечки инструменти и утврдени алатки. Она што останува – имајќи го предвид ваквиот начин на управување со внатрешната безбедност – е поефективно искористување на надворешната помош од земјите-членки на ЕУ, област која повеќето земји од Западен Балкан недоволно ја користат, но и цврсто воспоставување на регионална сопственост“, потенцираше министерот Спасовски.
Инаку, на конференцијата, по воведниот дел во којшто покрај министерот Спасовски свое обраќање имаше и неговиот словенечки колега министерот Боштјан Поклукар, предвидено е во неколкуте работни сесии да се направи сеопфатна анализа на досегашните состојби и перспективи на Иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИЦГ), како и за нејзиното организационо и стратешко позиционирање. Притоа, од особена важност е што на министерскиот состанок ќе бидат промовирани новите проектни задачи на ИИСГ во делот на функционирањето на т.н. Група за поддршка на ИИСГ како координативно тело за имплементација на иницијативата, односно вклучувањето на преставници од земјите на Западен Балкан во работата на оваа група. Предвидено е министерот Спасовски да има свое обраќања и во тематскиот дел, а исто така тој ќе се обрати и во завршниот дел на конференцијата.