Како и секоја и вчерашната седница помина во работна атмосфера и сите заедно дискутираа по точките од дневниот ред. Во рамки на Владата односите се тековни, одговорија на денешната прес-конференција портпаролите Миле Бошњаковски и Муамет Хоџа на новинарските прашања каква е атмосферата помеѓу коалиционите партнери во Владата и дали има тензии по последните случувања во затворот „Шутка” и во Собранието.
На вчерашната владина седница е констатирана поднесената оставка од страна на директорот на КПУ Скопје „Шутка” Ѓоко Котевски, но тој ќе продолжи да раководи со установата се до завршување на претседателските избори, информираа Бошњаковски и Хоџа, образложувајќи дека оставката е поденсена откако се распишани претседателските избори и затоа ќе се разгледува по нивното завршување штом заврши забраната за разрешување и именување, согласно Изборните закони.
– Директорот поднесе оставка, пристигната е во Владата. Оставката нема да биде ефектуирана и ќе биде разгледувана дури по завршување на претседателските избори, затоа што такви се законите. Тоа значи дека ќе остане директор на установата до завршување на избори, рече Бошњаковски.
Во однос на извештајот за случувањата во затворот, информира дека е доставен до Управата за санкции и тие како конечен треба да го достават до Министерството за правда и врз основа на истиот ќе се формираат заклучоци што ќе треба да се спроведат. – Во оваа фаза не може да прејудицираме што ќе се случи, нагласи Бошњаковски.
На новинарско прашање дали власта под реформи во затворите мислеше само на носење Закон за амнестија, со цел ослободување на осудени лица пред изборите Бошњаковски наведе дека тоа било прилично јасна политичка ориентација на претходната влада. Тврди дека континуирано се работи на подобрување на условите во затворите.
Прашан дали Владата ќе обезбеди пари за блокатори Бошњаковски посочи дека Управата за санкции треба да испрати официјален документ до Владата како сет мерки, по што ќе се направи се што е во рамки на владините надлежности.
На вчерашната владина седница не бил на дневен ред и не е дискутирано за законското решение за СЈО, одговори Бошњаковски на прашањето дали има рок до кога треба да биде донесен и дали е тој во состав на оние реформски закони. За повеќе одговори во врска со законот за ОЈО и за СЈО упати на одговори во Министерството за правда.
Тој информираше дека на владината седница се обезбедени средства за доделување на државната награда за човекови права „Мето Јовановски” што првпат ќе биде доделена на Денот на човекови права на 10 – ти декември.
Била прифатена и информацијата за потпишување билатерална спогодба помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција со која се почнува отворањето нов Граничен премин кај месноста Маркова нога.
Портпаролот Муамет Хоџа информира дека Илбер Села е именуван за директор на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците.