Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска во седиштето на ОН во Женева оствари работна средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.
Како што информираат од владината прес-служба, Жерновски на Гутереш му ја пренел благодарноста на Владата за силната и континуирана поддршка што ООН ѝ ја давала на нашата земја за време на целиот процес на преговори за изнаоѓање на решение за името, кои се водеа под покровителство на ООН, како и за целиот процес на спроведување на Договорот од Преспа.
Од страна на двајцата соговорници била изразена и благодарност до амбасадорот Нимиц за неговите лични заложби во решавањето на спорот за името.
Од прес-службата информираат дека на средбата станало збор и за номинацијата на премиерите Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир за 2019 година, поради постигнатиот Договор од Преспа, при што Гутереш ја искажал поддршката овогодинешната награда за мир да биде доделена токму на творците, Зоран Заев и Алексис Ципрас, поради склучување на Преспанскиот договор.
„Со овој историски договор е затворено прашањето кое не само што ја блокираше европската и евроатлантската иднина на Република Северна Македонија во изминатите 27 години, туку и создаваше судир помеѓу двете соседни држави. На овој начин, двајцата премиери покажаа политичка спремност да донесат политички одлуки со кои се овоможува трајна стабилност во регионот и во Европа. Нивниот личен напор и спремност за компромис за добробит на граѓаните на двете земји се најдобар пример за мудро и долгорочно визионерство, кое е одлика исклучиво на вистинските лидери“, изјавил Генералниот секретар на Обединетите Нации.
На средбата, Гутереш информирал и за доставените писма од негова страна до Претседателот на Советот за безбедност и до Претседателот на Генералното Собрание на ОН, со кои ги известил за влегувањето во сила на Конечната спогодба.